Клековски очекува в среда да почне вакцинацијата против сезонски грип


Министерот за здравство, Сашо Клековски, на прес-конференцијата во Владата (Фото: Б. Грданоски)

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека очекува в среда (21 октомври) да почне вакцинацијата против сезонски грип и ќе му биде задоволство да биде вакциниран како пациент од ризична група.

Тој посочи дека Комисијата за имунизација денеска одржала состанок и ги одредила приоритетите. Во основа со 1.000 вакцинации дневно, појасни, ќе стасаме до 15 ноември кога ќе пристигне втората количина.

– Приоритет прво имаат возрасните над 65 години згрижени во институции, заради институцискиот карактер и поголемиот ризик за епидемија во микро-услови, и другите ризични групи ќе бидат опфатени според проценката на Комисијата. Значи, во основа сите активности што се организирани во минатото ќе бидат организирани и сега. Нема да има никаква отстапка во начинот на работа и методологијата, рече Клековски одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на протоколот за децентрализација на терапијата за мултиплекс склероза.