„Тимчо предавникот“ го договори бегството на Ива Михаилова: Филипче на предизборен митинг во Брвеница


Венко Филипче на митингот во Брвеница

 

„Ветуваа правда, ништо, ветер и магла! Границата е швајцарско сирење. Денеска, никој не одговара“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на предизборниот митинг во Брвеница, каде в недела ќе се одржи гласање за избор на градоначалник.

„Погледнете што се случува овие денови во државата. Отиде Тимчо предавникот во Софија. Под радарот видовме што договориле. Ива Михаилова избега, ја пуштија под радарот. Панче ја пушти, границата му била ‘швајцарско сирење’. Па нели, Панче, ‘брат да ми е, ќе одговара’? Денеска никој не одговара“, рече Филипче од Брвеница.

Филипче потенцираше  дека случајот претставува сериозно понижување за граѓаните и државата. 

„Овој скандал, ова договорено пуштање преку граница, е големо понижување за народот, за државата, за граѓаните, за сите нас. Денеска го слушам Мицкоски како вели дека кога-тогаш ќе одговарале. Какво потценување на сопствениот народ! Тоа значи никогаш, затоа што сѐ што ќе каже Христијан Мицкоски, тоа е една голема лага. Исто како што ветуваше гордост, додека клечеше и молеше за власт. Седна во фотелјата и што донесе? Само понижување“, порача Филипче од Брвеница.

Филипче постсети и на  Артан Груби, критикувајќи го односот на власта кон неговото пристигнување и заминување.

„Нас нѐ напаѓаат за Артан Груби, а тие како го дочекаа на граница? Со црвен килим и со камери, а како го пуштија? Со факели и со прослава. Па треба ли воопшто да се зборува за нивното лицемерие, за нивните лаги, за тоа што мислат тие за граѓаните? Го гледаат во очи народот и го лажат. Но, граѓаните не се наивни. Сѐ е на виделина, народот гледа и знае сѐ. Не поминуваат повеќе ни црните кампањи ни гебелсовските методи“, порача Филипче од Брвеница.

Филипче посочи дека Мицкоски и неговата влада ги остави земјоделците без соодветна финансиска поддршка, а сега се обидува да го загрози и националното богатство на државата преку распродажба на земјата и водата.

Тој укажа дека земјоделците се соочуваат со сериозна егзистенцијална криза, а власта одби да им помогне, го одби и предлогот на СДСМ за финансиска поддршка на земјоделците.

„Од земјоделска земја ќе останеме, благодарение на Мицкоски, земја без земјоделци. Луѓето се во тешка состојба, лозарите, градинарите, полједелците, сточарите, овоштарите, тутунарите, сите се во тешка егзистенцијална криза поради Христијан Мицкоски“, рече Филипче.