Божиновска на средба со претставници од ЕБОР: Во фокусот обновливите извори на енергија и можностите за нејзино складирање
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со претставници од Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) коишто се во посета на земјава.
Во рамките на делегацијата од ЕБОР, составена од директори надлежни за различни региони, беа присутни Рене ван Хел, директор за Холандија, Кина, Северна Македонија, Ерменија и Монголија, потоа Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за земјава, како и директорите за другите земји од регионов и светот.
На средбата министерката Божиновска ги претстави активностите на Министерството за зајакнување на домашниот енергетски систем, енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата. Во таа насока, беа презентирани конкретните законски решенија на кои во моментов работи Министерството, а кои се насочени кон остварување на стратешките цели на државата во енергетскиот сектор.
Претставниците на Европската банка за обнова и развој ги поздравија заложбите на Министерството за создавање на стабилен и предвидлив енергетски систем, оценувајќи ги како многу понапредни во однос на одредени земји од регионот, на коишто им е потребен подолг период за реализација на конкретни чекори во енергетиката.
Во фокусот на разговорите на денешната средба беше искористувањето на потенцијалот на обновливите извори на енергија во земјава, како и можностите за складирање на енергијата од обновливите извори.
Министерката Божиновска истакна дека постои огромен интерес кај граѓаните и компаниите за користење на енергијата од обновливите извори и дека Министерството ќе работи на овој план во иднина.
Посебен дел од разговорите се посвети и регионалното поврзување на земјава со соседите, за што министерката информираше за напредокот во однос на енергетското поврзување со Грција и Србија, потенцирајќи дека се работи и на нови мрежни поврзувања со земјите од регионот.
На средбата беше нагласено значењето и на сајбер безбедноста, како предуслов за безбеден енергетски систем, за што беше истакната можноста за взаемна соработка на ова поле.
Министерката Божиновска, на состанокот, ја потврди силна посветеност кон партнерството со ЕБОР, како еден од клучните партнери на нашата држава во напорите за создавање стабилна енергетска иднина за државата, се вели во соопштението на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.