Мицкоски ќе се жали во НАТО за неиспорачувањето криминалци од Бугарија


Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во интервју за ТВ „21“ побара од Бугарија да ги испорача Ива Михаилова и нејзиниот татко, посочувајќи дека за нив има меѓународни потерници и дека тие треба да бидат изведени пред правдата.

Тој додаде дека, според сигналите што ги добиваат од Софија, не очекува Ива и нејзиниот татко да бидат екстрадирани, отфрлајќи го објаснувањето од бугарските власти дека државјанин на Бугарија не може да ѝ биде испорачан на друга држава.

Михаилова, како и претходно нејзиниот татко, Симеон, избегаа од Македонија во Бугарија на нелегален начин, откако се соочија со судски процеси и пресуди за тешки кривични дела.

„Имаме меѓународна потерница. Ве молам, испорачајте ги. Ако било договорено, ве молам, испорачајте ги, бидејќи имаме меѓународна потерница“, рече премиерот.

Мицкоски најави дека прашањето ќе биде покренато и на состаноците на НАТО, посочувајќи дека Македонија очекува таткото и ќерката Михаилови да бидат испорачани и да се соочат со правдата. Тој најави дека случајот ќе биде отворен и пред меѓународните партнери на земјата.

„Ова ќе биде покренато и на состаноците на НАТО Алијансата, бидејќи наш партнер во НАТО денес е прибежиште на осудени криминалци и ние очекуваме во најскоро време тие да бидат испорачани на правдата. Но, исто така ова ќе биде покренато и кај нашите партнери во Европската Унија. Не би сакал осуден криминалец да биде причина за неспроведување на правдата, не би сакал да верувам дека моменталното политичко водство кај нашиот источен сосед ќе биде алиби за осудени криминалци од државата да барат бугарски пасоши и преку нелегални премини да бегаат и да барат свое прибежиште таму“, рече премиерот.

Мицкоски верува дека зад случајот со Ива Михајлова се крие политичка позадина за да и се нанесе штета на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и дека тоа е синхронизирано со опозицијата во земјава.

„Она што мене повеќе ме загрижува е состојбата што на ниво на хистерија ја направија одредени медиуми и политичари кај нашиот источен сосед. Не се проблемот односите меѓу двете држави, туку да му наштетат на ВМРО-ДПМНЕ и на мене затоа што на овој начин покажувајќи некаков тип на политички мускули во координирана акција и јавна дебата со македонската опозиција, и тоа е очигледно. И македонската опозиција ќе прави политички притисок врз актуелната Влада и на тој начин тие ценат дека политичката репутација на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја намалат во очите на граѓаните “, рече вечерва Мицкоски на гостување на TВ 21.