„Политичка манипулација“: Левица за понудата на Мицкоски опозицијата да учествува во преговорите со Бугарија


 

Понудата на Мицкоски за учество на опозицијата во преговорите со Бугарија е политичка манипулација и извртување на самиот поим „национално единство“. Преговори со Бугарија не се исто што и преговори со Европската унија, а самото прифаќање на билатерални преговори со Софија веќе претставува политички став, а не некаква неутрална и стандардна процедура, оценува Левица во своето партиско соопштение по вчерашната најава на премиерот од собраниската говорница.

„Национално единство не се гради со делење места во преговарачки тимови, туку со усогласување на заеднички државни позиции за тоа што, со кого и под кои услови се преговара. Сосема легитимна е позицијата да се поддржува членството на Македонија во ЕУ, но истовремено да се отфрлаат билатералните преговори со Бугарија како услов за евроинтеграција“, велат од Левица и инсистираат преговорите да се водат исклучиво на инстанци на Европската унија, односно, во рамки на официјалните институции и преку механизми на Унија.

Левица вели дека не е против преговори со ЕУ, туку против „билатералните уцени од Бугарија како предуслов за евроинтеграција“.