Мицкоски со Македонци од Србија разговарал за изборите на 25 октомври

Премиерот Христијан Мицкоски објави дека имал средба со претставници на Македонскиот национален сојуз во Србија. Претходно Партијата на Македонците во Србија повика да се гласа за Студентската листа


 

Премиерот Христијан Мицкоски на својот профил на Фејсбук објави дека имал средба со претставници на Македонскиот национален сојуз во Србија, на која разговарале за изборниот процес и гласањето што ќе се одржи на 25 октомври. Според Мицкоски се разговарало и за положбата и правата на Македонците, како и за претстојните избори за националните совети.

На средбата, како што објави Мицкоски, посебен акцент бил ставен на продлабочувањето на меѓусебната соработка, зајакнувањето на врските со македонската заедница во Србија и заедничките активности во наредниот период. 

„Зачувувањето на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција останува наш заеднички приоритет“, објави Мицкоски.

На крајот на септември Партијата на Македонците во Србија соопшти дека дава „безусловна и безрезервна поддршка на ‘Студентската листа – студентите победуваат’“ и ги повика сите припадници на македонската национална заедница во Србија на претстојните избори да гласаат за Студентската листа со број 3

Во соопштението беше наведено дека „од своето основање, Партијата на Македонците во Србија зазеде опозициски став кон владејачката диктатура на СНС“ и активно учествувала „во борбата и разоткривањето на сите злодела на криминалната власт“.

„Без никаква причина, криминалната власт на СНС ни го одзеде името на булеварот ‘Гоце Делчев’ во Нов Белград и со тоа посегна по обележјето на македонскиот идентитет. Покажаа дека не нè почитуваат и не нè сакаат за братски народ, иако лажно се повикуваа на тоа. Секој чесен Македонец во Србија мора да го има ова предвид кога ќе гласа“, беше наведено во соопштението.