Чекор поблизу до зонско во Автокоманда
На последната седница на Советот на Општина Гази Баба е донесена Одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка со Град Скопје за поставување сообраќајна сигнализација и направи за смирување на сообраќајот во Автокоманда.
– Со оваа одлука создаваме услови за реализација на следната важна фаза и се приближуваме до воведувањето зонско паркирање во населбата – соопштија од Општина Гази Баба.
Оттаму додаваат дека активностите ќе ги реализира ЈП „Улици и патишта“, врз основа на изработениот Основен сообраќаен проект за измена на режимот на сообраќај на постојната улична мрежа во Автокоманда.
– Јасната сообраќајна сигнализација и мерките за смирување на сообраќајот се важни за поголема безбедност на сите учесници, особено на пешаците, децата и повозрасните граѓани. Подобрата организација на паркирањето треба да придонесе за порационално користење на расположливите паркинг-места, попристапни улици и поуреден јавен простор – нагласуваат од локалната самоуправа.
Притоа наведуваат дека целта е да се одговори на секојдневните потреби на жителите на Автокоманда со плански и координирани активности, кои ќе донесат поголем ред во паркирањето и посигурно одвивање на сообраќајот.