Стручната книга „Превентивна стоматологија“ утре ќе биде промовирана на Стоматолошкиот факултет


Новата стручна книга „Превентивна стоматологија“, во издание на „Арс Ламина“, ќе биде промовирана утре (петок, 16 октомври), со почеток во 10:30 часот, во амфитеатарот на Стоматолошкиот факултет во Скопје. На настанот ќе се обратат деканката на Стоматолошкиот факултет, проф. д-р Соња Апостолска, промоторите проф. д-р Дејан Марковиќ, кој специјално за оваа пригода доаѓа од Белград, и проф. д-р Мира Јанкуловска, како и уредничката Бранка Бугариска.
Меѓу говорниците ќе бидат и дел од авторите на книгата: Елизабета Ѓоргиевска (уредничка), Марија Стевановиќ, Ана Сотировска-Ивковска, Златко Георгиев, Александар Димков, Мери Павлевска, Ефка Жабокова-Билбилова, Весна Амбаркова, Олга Кокочева-Ивановска, Христо Петановски и Јасна Симоноска.
„Превентивна стоматологија“ е современ и сеопфатен учебник, создаден врз основа на долгогодишно научно и клиничко искуство и врз современите достигнувања во областа на превентивната стоматологија. Во фокусот е превенцијата како основа за зачувување и за унапредување на оралното здравје.
Книгата е структурирана во 19 поглавја и во три апендикси, во кои се обработени клучните концепти на примарната, на секундарната и на терцијарната превенција, на епидемиологијата и на факторите на ризик за најчестите орални заболувања, како и современите методи за нивна контрола и спречување.
Посебно внимание им е посветено на оралната хигиена, флуоридната профилакса, исхраната, контролата на плакот и превентивните клинички постапки, како и на орално-здравственото воспитување, на промоцијата на здравјето, на програмите за јавно орално здравје, на скринингот и на раната детекција на заболувањата.
Во учебникот се обработени и можностите за примена на дигиталните технологии во превентивната стоматолошка практика, како и специфичните пристапи кон разни групи пациенти. Изданието првенствено е наменето за студентите по дентална медицина, но претставува корисен извор и за специјализанти, за стоматолози во клиничката практика и за други здравствени професионалци што сакаат да ги продлабочат своите знаења во оваа област.