Од март директен лет Дубаи–Скопје: „Флајдубаи“ ќе лета трипати неделно
Од март следната година се воспоставува директна авионска линија меѓу Дубаи и Скопје, со три лета неделно, официјално потврди авиокомпанијата „Флајдубаи“ на средба со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во Обединетите Арапски Емирати.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Муцунски остварил средба со главниот комерцијален директор на „Флајдубаи“, Хамад Обаидала, во рамките на работната посета на Емиратите, при што била потврдена новата директна авиолинија.
Воспоставувањето на линијата Дубаи–Скопје се очекува да ја подобри авионската поврзаност на Македонија со Обединетите Арапски Емирати и поширокиот регион, како и да ги олесни патувањата на граѓаните, деловните луѓе и туристите.
На средбата се разговарало и за можностите за продлабочување на економските и трговските односи, привлекување странски инвестиции и унапредување на туристичката и културната соработка меѓу двете земји.
Муцунски оценил дека воспоставувањето на директната линија е конкретен резултат на активната економска дипломатија и напорите за подобра меѓународна поврзаност на земјава.
Од Министерството ја истакнале и улогата на македонската амбасада во Обединетите Арапски Емирати во реализацијата на оваа иницијатива, преку континуирана работа во изминатиот период.