Кривични пријави против три лица за попречување на полициски службеник и трговија со дрога


Фото: Б. Грданоски

Кривични пријави против три лица се поднесени во врска со случајот од 7 октомври на улицата „Црногорска“ во Скопје, кога при полициска интервенција осомничени лица се обиделе да избегаат со автомобил, а на еден полициски службеник му бил одземен службениот пиштол.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, пријавите се поднесени до Основното јавно обвинителство Скопје од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, во координација со обвинителството.

Против Е.П. (21) и П.А. (24) е поднесена кривична пријава за кривичните дела „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ по член 382 и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 од Кривичниот законик. Против М.Т., за кого постојат сознанија дека е поврзан со случајот, е поднесена пријава за делото поврзано со наркотични дроги.

Според МВР, на 7 октомври околу 20:25 часот, полициски службеници добиле оперативни сознанија дека на улицата „Црногорска“ ќе се изврши купопродажба на марихуана. Полицијата поставила заседа и му дала знак за запирање на патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки.

Кога полициските службеници се упатиле кон возилото за да ги легитимираат лицата и да извршат преглед, возачот го стартувал автомобилот, удрил во бандера и во истиот момент преку прозорецот фрлил кеса со марихуана. Еден од службениците го извадил службениот пиштол и од совозачката страна, преку полуотворениот прозорец, им наредил да застанат. Лицето на совозачкото седиште му го одзело пиштолот, по што возачот повторно го стартувал возилото и побегнал.

Полициски службеници кои биле поставени во близина тргнале по возилото, кое со голема брзина се движело по улицата „Ѓорче Петров“ кон автопатот Скопје – Тетово, игнорирајќи ги звучните и светлосните сигнали на полицијата. Еден полициски службеник испукал и три предупредувачки проектили во воздух.

Во еден момент „БМВ“-то удрило во заштитната банкина на автопатот и се извртело. Од возилото излегле П.А. и Е.П., кои биле лишени од слобода. Службениот пиштол бил одземен, а по пребарување на теренот била пронајдена и кесата со марихуана.

Од МВР информираат дека за случајот е известен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, кој презема мерки и активности за утврдување на евентуални неправилности при постапувањето на полициските службеници.