Демонстранти запалија филијала на Иуте кредит во Тирана, ден откако ја демолираа
Филијалата на финансиската институција „Иуте кредит“ во Тирана беше запалена денеска, за време на вториот ден од протестите што се одржуваат во близина на албанското Министерство за образование поради барања за подобрување на условите во образованието, јавија албанските медиуми.
Денешниот инцидент претставува ново интензивирање на протестите, за време на кои, покрај државните институции, цел се и приватни компании.
Синоќа, по судир со полицијата во близина на албанското Министерство за образование, група демонстранти се упатија кон филијалата на „Иуте кредит“, која се наоѓа во близина на амбасадата на Ватикан. Тие ги скршија прозорците на зградата и влегоа во просториите, каде што го извадија мебелот и опремата и ги фрлија во огнот запален на средина од улицата.

За време на вчерашниот протест во Тирана, организиран поради барања за подобрување на условите во образованието и решавање на проблемите на студентите, избувнаа судири меѓу демонстрантите и полицијата, повредени беа шест полицајци, како и демонстранти, минувачи и претставници на медиумите. Демонстрантите фрлаа камења и молотови коктели врз полицијата и државните институции, а беа оштетени и некои приватни објекти. Поради насилство, уапсени се 16 лица, додека против уште 49 се покренати кривични постапки.