Жена од Росоман е 11 жртва на западнонилската треска
На Инфективната клиника почина 66-годишна пациентка од Росоман, кај која лабораториски беше потврден тежок облик на западно-нилска треска со засегање на централниот нервен систем. Ова го изјави директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана, кој рече дека пациентката имала многу придружни хронични заболувања и клиничкиот тек бил многу тежок и настапил смртен исход.
Тој посочи дека вкупно има 11 починати од западно-нилска треска.

– На Клиниката е хоспитализирана уште една пациентка со тешка форма на западно-нилска треска, која подолго време е на одделот за интензивно лекување и е на механичка вентилација. Таа е на Клиниката речиси еден месец. Не радува тоа што од 25 септември нема нов хоспитализиран случај, додаде д-р Цана.
Бројот на починати од западнонилска треска во земјава се зголемил на 11, откако е регистриран уште еден смртен случај, покажуваат најновите податоци објавени на специјализираниот портал за следење на вирусот „Хелталерт“.
Од почетокот на 2026 година се евидентирани вкупно 71 случај на зараза со вирусот. Од заболените, 58 лица оздравеле, додека двајца пациенти и натаму се на болничко лекување.
Според објавените податоци, во текот на изминатата недела не бил регистриран ниту еден нов случај на западнонилска треска.