Одбраната на Артан Груби се огради од славењето
Одбраната на Артан Груби се огради и се извини за синоќешниот собир во скопски Чаир на кој со факели и чадни бомби беше пречекан ексвицепремиерот Груби, кој излезе од куќен притвор откако судот му ја укина мерката. Груби е второобвинет во предметот „Државна лотарија“ за злоупотреба на службена положба и овластување и нанесена штета од 9,7 милиони евра во државната компанија.
„Одбраната на Артан Груби ја информира јавноста дека се оградува од самоиницијативното одржување на собир на граѓани, соседи и пријатели, по повод укинувањето на мерката домашен притвор за Артан Груби по 8 месеци притвор. Собирот беше спонтан, пред домот на Артан Груби, без говори, без пораки, и без политички одбележја. Укинувањето на мерката претставува одлука на надлежните органи во рамките на законски предвидените постапки. Во името на нашиот штитеник, им се извинуваме на сите граѓани кои може да биле вознемирени синоќа од неколкуминутниот спонтан настан, што би можел да создаде погрешна слика во јавноста“, велат адвокатите во соопштението во кое потенцираат дека Груби „не учествувал во организацијата, ниту таа претставува некаков негов политички став или иницијатива“.
„Секое изразување поддршка од страна на граѓани или групи е нивен личен избор и не треба да се поврзува со одбраната. Нашиот фокус останува исклучиво на правните аспекти на предметот, заштитата на правата на Артан Груби и обезбедувањето законита и правична постапка“, вели одбраната.
Од Кривичниот суд соопштија дека одлуката за укинување на куќниот притвор е донесена поради истекување на законски дозволениот рок од 60 дена, сметано од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог.
Судот не му ја прифати понудената гаранција за барањето да му биде вратен пасошот. Тој има и забрана да го напушта Скопје додека трае судењето. На рочиштата Груби изјави дека не се чувствува виновен. Судењето почна на 24 август.