Оставката на Кимберли Гилфојл предизвика политичка бура во Грција


Оставката на американската амбасадорка во Атина, Кимберли Гилфојл, предизвика реакции кај грчките опозициски партии, кои побараа објаснувања од владата на премиерот Киријакос Мицотакис во врска со наводното мешање на американската дипломатка во внатрешните работи на земјата и нејзината улога во промовирањето деловни интереси, објавија грчките медиуми. Случајот исто така покрена прашања за соработката меѓу Грција и САД, особено во секторите енергетика и одбрана.

Гилфојл поднесе оставка вчера на барање на Белата куќа, по извештаите во американскиот печат за наводни етички прекршоци и поврзаност со деловни интереси. Весникот „Волстрит џурнал“ (Wall Street Journal) исто така извести за нејзини наводни изјави во врска со можноста САД да се мешаат во политичкиот живот на Грција. Гилфојл ги отфрли обвинувањата како невистинити и изјави дека ќе ја брани својата репутација.

Грчкиот вицепремиер Костис Хаѕидакис денеска изјави дека разрешувањето на Гилфојл е прашање што се однесува на САД и нема да влијае врз грчко-американските односи, пренесе грчкиот јавен сервис ЕРТ. Во интервју за медиумот, тој нагласи дека соработката меѓу двете земји е на многу високо ниво и дека напредокот постигнат во последните години ќе продолжи.

Според денешниот извештај на грчкиот портал „Иефимерида“ (Iefimerida), разрешувањето на Гилфојл не претставуваше изненадување во Атина, бидејќи во последните денови во политичките и новинарските кругови кружеа сигнали за незадоволство во Вашингтон. Медиумот забележува дека грчката влада се обидела да се дистанцира од случајот, при што официјални лица го опишале како внатрешно прашање на САД. „Иефимерида“ нагласува дека односите меѓу Атина и Вашингтон ги надминуваат поединечните личности и се засноваат на цврсти политички, одбранбени, енергетски и дипломатски темели. Уште пред Белата куќа да побара оставка од Гилфојл, владиниот портпарол Павлос Маринакис изјави за „Нафтемпорики“ дека Грција продолжува да одржува соработка на највисоко можно ниво со својот стратешки сојузник, САД.

Опозициската партија ПАСОК беше меѓу првите што побараа објаснување од владата. Димитрис Манцос, портпаролот на партијата за надворешна политика, изјави дека отповикувањето на американската амбасадорка по новинарските откритија покренува сериозни, неодговорени прашања, објави „Си-Ен-Ен Грција“. Според него, извештаите фрлаат сомнеж врз дипломатски модел поврзан со конкретни економски и деловни интереси. Манцос побара појаснување дали грчкото Министерство за надворешни работи побарало објаснувања од Гилфојл во врска со наводите за мешање во внатрешната политика на земјата.

Претставникот на ПАСОК исто така побара детални информации за содржината, целите и придобивките од договорите за енергетика, одбрана и други области, склучени за време на шестиот Стратешки дијалог меѓу САД и Грција минатата недела, на кој присуствуваше американскиот државен секретар Марко Рубио.

Левичарската партија СИРИЗА исто така ја критикуваше владата, тврдејќи дека властите во Атина не реагирале на извештаите за наводните постапки на Гилфојл. Во соопштение пренесено од ЕРТ, партијата истакна дека било потребно самиот Доналд Трамп да побара отповикување на амбасадорката, додека грчката влада не презела никаква иницијатива, па дури ниту побарала јавно објаснување.

И други опозициски партии упатија критики кон владата. Комунистичката партија на Грција (ККЕ) изјави дека разрешувањето на Гилфојл ја доведува во непријатна положба владејачката партија „Нова демократија“, чии претставници ја фалеле амбасадорката и пред и откако таа ја презела функцијата.

Партијата „Ники“ го опиша ненадејниот крај на мандатот на Гилфојл како удар за грчката надворешна политика во критичен момент. Харис Ѕимитрас, портпарол за надворешна политика на Грчката левичарска алијанса (ЕЛАС) – партијата на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас – изјави дека владата не успеала да даде убедливи одговори во врска со наводните изјави на Гилфојл и дали имало некаква реакција од грчка страна.