Германската армија ќе го тестира системот ИРИС-Т во прво боево гаѓање на Крит
Берлин – Воздухопловните сили на Германија ќе го спроведат своето прво боево гаѓање со системот за противвоздушна одбрана ИРИС-Т СЛМ (IRIS-T SLM) за време на вежба на грчкиот остров Крит, соопшти Бундесверот.
Системот, развиен од германската одбранбена компанија „Дил дифенс“ (Diehl Defence) и веќе употребуван во Украина, ја зајакнува способноста на германското воздухопловство за пресретнување воздушни цели на среден дострел, изјави портпаролката на воздухопловните сили.
Вежбата исто така ќе означи чекор кон обновување на родот за противвоздушна одбрана на германската копнена армија, кој беше расформиран во 2012 година. Системот „Озелот“ (Ozelot), дизајниран за заштита на копнените трупи од нисколетачки авиони, дронови и крстосувачки ракети, ќе биде префрлен од воздухопловните сили назад во копнената армија.
Германските трупи тренираат заедно со шведските сили во вежбата „Спартанска стрела 2026“ (Spartan Arrow 2026), во која е вклучен и системот за противвоздушна одбрана „Патриот“. Главната фаза од вежбата почнува утрово. Се очекува на неа да присуствува и германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
Германија ги забрза напорите за обновување на своите капацитети за противвоздушна одбрана откако Русија ја почна инвазијата врз Украина во 2022 година. Нејзината противвоздушна одбрана е организирана во неколку слоеви, со различни системи наменети за дејствување врз цели на различни височини, пренесува ДПА.