Почнува 11. издание на Киненова со новиот филм на Мирослав Терзиќ „Три недели подоцна“
Единаесетотто издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова почнува вечерва под мотото „На прво светло“, а отворањето е во киното Фросина во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, со новиот филм на Мирослав Терзиќ, „Три недели подоцна“. Во главната конкуренција се шест филма, додека во селекцијата за дебитанти се четири први кратки филма на македонски режисери.

Годинешен лауреат на Киненова е турскиот режисер Емин Алпер, кој е и претседател на жирито заедно со Александра Максимовиќ од Хрватска и македонскиот режисер Гоце Цветановски. За филмот „Спасение“ Алпер доби Сребрена мечка на годинешното Берлинале, а на Киненова ќе биде прикажан неговиот прв филм „Зад ридот“ од 2012 за кој на Берлинале доби две награди.
Директорот на ММФ Киненова Небојша Јовановиќ на прес-конференција минатата недела рече дека фестивалскиот визуелен идентитет е широк концепт за доживувањето на филмската уметност, освестување на инстинктот за креирање, но и во една линија поддршка на оние кои почнуваат да ја истражуваат моќта на подвижните слики кои се нарекуваат седма уметност.

За филмот на Терзиќ што ќе го отвори фестивалот, Јовановиќ вели дека овој филм не е одбран ни малку случајно за почетокот на новата фестивалска приказна на МФФ Киненова.

За ова издание тематскиот фокус е насилството помеѓу младите. А филмот на Терзиќ е моќна социјална драма, преку која режисерот прави сериозна и длабока психолошка деконструкција на српското општсетво кое е потонато во апатија и тешка корупција на свеста, чиви последици меѓудругото се и најранливите, оние кои треба да ја носат светлата иднина на едно општество, младите средношколци. И како што вели режисерот Терзиќ, од искуството при создавањето на овој по многу нешта значаен филм, кое било процес на преживување на траумите на младите кои ги играат филмовите: „Филмот не е за булинг, туку за насилството кое постанува секојдневен јазик на изразување младите луѓе“. Исклучително загрижувачко – заклучи Јовановиќ и ја најави соработката на фестивалот Киненова со Општина Кисела Вода преку работилницата за деца „Снимај паметно, остави трага“ под менторство на Марија Џиџева.
На прес-конференцијата минатата недела се обрати градоначалничката на Оштина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, која изрази задоволство од соработката со фестивалот Киненова и посочи дека слоганот „На прво светло“ испраќа силна порака за нови идеи во културата, концепт што Општина Кисела Вода континуироано го претвора во реалност.
Фестивалот Киненова е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ и од Општината Кисела Вода.