НАТО ја започна годишната нуклеарна вежба со учество на војници од 17 земји


Фото: Б. Грданоски

НАТО ја започна својата годишна вежба за одбрана на територијата на Алијансата со употреба на нуклеарно оружје, потврди денеска портпарол на воената команда на одбранбениот сојуз, лоцирана во белгискиот град Монс, јави ДПА.

На вежбата „Steadfast Noon“, која ќе трае до крајот на следната недела, ќе учествуваат војници од 17 земји, изјави тој.

Германија за потребите на вежбата распореди три авиони „Торнадо“ од 33-тото тактичко воздухопловно крило во воздухопловната база Авиано во северна Италија. Според германското воено воздухопловство, во вежбата учествуваат вкупно неколку десетици германски војници.

Германските авиони „Торнадо“ вообичаено се стационирани во базата Бихел во сојузната покраина Рајнска област-Пфалц, во западна Германија. Според непотврдени информации, таму се чува нуклеарно оружје на САД, кое во случај на вонредна состојба би можело да биде исфрлено од германски ловци-бомбардери како дел од договорот на НАТО за споделување на нуклеарното оружје, потсетува германската агенција.

Базите во земји како Италија, Белгија и Холандија, исто така, се сметаат за локации каде што е складирано американско нуклеарно оружје во Европа.

НАТО до неодамна не даваше никакви детали за вежбата: од седиштето на Алијансата соопштија само дека обемот е споредлив со оној од минатогодишната вежба. Тогаш, НАТО извести за учество на околу 2.000 припадници на воениот персонал и повеќе од 70 авиони, вклучувајќи ги најсовремените ловци Ф-35, како и авиони за надзор и авиони-цистерни.

Сценариото на вежбата исто така е тајно. Според воените експерти, вежбите – кои редовно се одржуваат во октомври – вклучуваат обука за безбеден транспорт на оружјето од подземните складишта до авионите и негово монтирање на ловците. Сепак, за време на овој процес и на последователните вежби за напад, се користат само вежбовни бомби без нуклеарни боеви глави, потсетува ДПА.