Партнерите не ја предупредиле навреме Украина за руските напади


 Украина не доби навремено предупредување од своите сојузници за руските балистички напади врз Киев во текот на ноќта – изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, обвинувајќи ја Москва дека со нападите врз украинските енергетски објекти директно го прекршила енергетското примирје што претходно го најави американскиот претседател Доналд Трамп.

Во објава на социјалната мрежа Икс, Зеленски наведе дека Русија во текот на ноќта употребила повеќе од 100 различни оружја, вклучително и балистички ракети, погодувајќи цивилна и критична инфраструктура.

„За жал, од нашите партнери не добивме навремено предупредување за овој напад. Разузнавачките информации за лансирањето руски балистички ракети помагаат да се спасат животи и тоа е едно од најкритичните прашања. Токму навременото предупредување за балистичките ракети помага да се спречи загинување на луѓе“, посочи Зеленски.

Осврнувајќи се на енергетското примирје меѓу Москва и Киев, Зеленски рече дека Украина во двата дена од неговото објавување не извршила никакви напади врз руските рафинерии за нафта ниту врз енергетскиот сектор воопшто.

„Но Русија не го послуша американскиот претседател. Во овој период, Русите ги нападнаа и нашите енергетски објекти и критичната инфраструктура, испраќајќи сосема јасни сигнали дека немаат намера да се воздржат од напади врз Украина“, додаде тој, истакнувајќи дека подготвеноста на Украина за „реципрочни чекори кон деескалација“ останува непроменета и дека е потребен ефикасен глобален притисок врз Москва.

Киевската градска воена администрација во објава на Телеграм соопшти дека едно лице било повредено при напад врз станбена зграда во киевската населба Дарницки. Украина истовремено соопшти дека нејзините воздухопловни сили собориле 88 од вкупно 108 дронови што Русија ги лансирала во текот на ноќта. Според соопштението на Воздухопловните сили, Москва лансирала и пет балистички ракети „Искандер-М“/С-400 од пограничната област Брјанск.

Одделно, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на Варшавскиот безбедносен форум во Полска потврди дека Киев продолжува да добива разузнавачки податоци од САД.

„Да, ја продолжуваме оваа соработка со американската страна. Исто така, точно е дека вчерашниот, односно ноќниот напад, како и воздушната тревога, беа пријавени со задоцнување. Но тоа се должи на посебниот вид оружје што го употреби руската страна“, изјави Сибиха.

Претходно, „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со прашањето, објави дека американски претставници на разговорите во петокот ја отвориле можноста за прекин на размената на разузнавачки информации доколку Украина не ги запре нападите врз енергетски објекти во Русија.