Моите филмови се за обичните луѓе : „Киненова“ го претстави лауреатот Емин Алпер, добитник на „Сребрен лав“ на Берлинале
На денешната прес конференција во Скопје, фестивалот „Киненова“ ги претстави годинешниот лауреат, турскиот режисер Емин Алпер, кој е и претседател на жирито заедно со Александра Максимовиќ и Гоце Цветановски.

-Многу сум среќен што сум овде, задоволство ми е и чест ми е што сум дел од годинешново издание на фестивалот Киненова. Прв пат сум во Скопје и во Македонија и возбуден сум што ќе гледам филмови и ќе разговараме за нив со моите колеги од жирито, рече Алпер.
За филмот „Спасение“ Емин Алпер доби Сребрена мечка на Берлинале, а на фестивалот Киненова ќе биде прикажан неговиот прв филм „Зад ридот“ за кој исто така на Берлинале доби две награди, бидејќи МФФ Киненова е фестивал на дебитантски филмови.

-Публиката ги сака моите филмови бидејќи во нив ги портретирам обичните луѓе од социолошки и психолошки аспект, а во исто време сакам да го потенцирам конфликтот кој во последниве години е многу изразен во секое општество, но и во светот и авторитарните режими претставуваат се поголема опасност за обичниот човек и за неговото секојдневие и егзистенција. Почетоците на приказната потекнуваат од различни инспирации, но најпрво ја поставувам приказната, а потоа ги градам ликовите, но се обидувам да го најдам вистинскиот лик во приказната кој точно ќе го иницира почетокот зошто почнал да ја гради приказната и да го пишува сценариото за тој филм. Секогаш барам приказни кои вреди да се раскажат и вреди да се чујат и да се видат. Иако магистрирав на историја, конкретно 19 и 20 век, сепак моја прва љубов беше филмот. Едноставно се обидов од тоа што сум го научил да го вметнам во филмовите, а најчесто во историјата го гледав конфиктот и затоа го има во сите ликови и внатрешни и надворешни конфликти. Се обидувам да ги внесам во некои актуелности, бидејќи секогаш ме интересирале големите конфликти. Исто така на моето творештво има влијание и литературата особено писателот Јашар Кемал.
На наше новинарско прашање, како во родната земја реагираа на неговата Сребрена мечка, и како ги финансира своите филмови, гостинот од Турција одговори дека половината од Турција се радувала, другата половина не, а своите филмови, особено последните три, ги финансирал сам и со помош на европски фондови.
На младите режисери им порачува да бидат упорни и да не се откажуваат.
– Да бидат сигурни во тоа што сакаат да направат филм но, мора да бидат трпеливи бидејќи однапред треба да знаат дека да се направи филм е комплексна и тешка задача. Сум чул и сум видел разочарани млади режисери по нивниот прв филм, но им препорачувам страста, волјата и упорноста да биде што поспостојана и да ги води – изјави Алпер денеска на прес-конференција во Скопје.
Лауреатот од Берлинале, Емин Алпер во зенитот на својата слава доаѓа на Киненова во Скопје
Со Емин Алпер на фестивалот гостува и неговиот близок соработник и монтажер, Озкан Вардар, кој пред присутните раскажа дека има потекло од Македонија, поточно од Велес.
-Моите баба и дедо и по мајчина и по таткова страна потекнуваат од Македонија. Мајка ми и татко ми се родени во Велес и многу ми е драго што сум за прв пат во Македонија, рече Вардар и на македонски рече дека знае само да праша „Како сте“.
Александра Максимовиќ е документаристка и монтажерка од Хрватска, која живее и работи во Обединетото Кралство, а Гоце Цветановски, македонски филмски режисер и автор на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“. И двајцата изразија задоволство што се дел од жирито и што ќе имаат можност да гледаат прекрасни филмови на фестивалот.
Програмата на фестивалот денеска предвидува мастерклас на Озкан Вардар кој ќе се одржи на ФДУ и проекција на филмови од Драма фестивалот – „Драма Филм Фестивал патува на Киненова 2026“ кои ќе се одржат во салата на Вардар филм.
МФФ Киненова е поддржана од Агенцијата за филм на РСМ и општина Кисела Вода. (Л.С.)