Александар Вучиќ ја „позајмил“ идејата за предизборниот спот од Бенјамин Нетанјаху


Александар Вучиќ (Фото: Б. Грданоски)

Новиот предизборен спот на листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“ привлече големо внимание во регионот бидејќи видеото е речиси идентично со рекламата во која се појави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред 11 години.

Вучиќ го објави видеото на 10 октомври на својот профил на мрежата X, а во видеото, поранешниот претседател на Србија се појавува на вратата на брачен пар кој оди на патување и останува да му прави друштво на постариот господин.

„Баравте некого на кого можете да се потпрете“, вели Вучиќ во видеото.

Скоро истото сценарио го користеше и Ликуд на Нетанјаху пред израелските парламентарни избори во 2015 година. Во видеото објавено на 31 јануари истата година, млад пар се подготвува за вечерно излегување, а Нетанјаху тропа на нивната врата наместо дадилката.

„Побаравте дадилка? Добивте Биби-дадилка“, рече тогаш израелскиот премиер, алудирајќи на својот прекар „Биби“.

 

Рекламата на Нетанјаху стана една од најгледаните во таа кампања. Како што напиша „Тајмс оф Израел“, таа ја освои и наградата Поли на Американското здружение на политички консултанти за најдобра политичка кампања во 2015 година.

Да потсетиме дека Вучиќ и Нетанјаху се поврзани преку истите израелски политички советници, кои работеа на кампањите на двајцата политичари во последните години.

Вучиќ поднесе оставка од функцијата претседател на Србија кон крајот на септември, седум месеци пред крајот на неговиот мандат. Вонредните парламентарни избори во Србија ќе се одржат на 25 октомври.