Мелони бара од ЕУ долгорочни мерки за справување со високите цени на енергијата


Премиерката Џорџа Мелони

 Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, синоќа ја повика Европската Унија да изнајде долгорочни решенија за високите цени на енергијата, предупредувајќи дека без нив Европа ќе мора постојано да прибегнува кон воведување итни мерки.

Говорејќи на собир на деловното здружение Асоломбарда во Милано, Мелони повика на „структурни и долгорочни решенија“ и најави дека на состанокот на Европскиот совет закажан за в четврток ќе го покрене прашањето за поголема флексибилност.

Таа го опиша својот предлог како „едноставен предлог заснован на здрав разум, но и на одговорност“.

Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц и белгискиот премиер Барт де Вевер испратија заедничко писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, укажувајќи дека високите цени на енергијата и сложените регулативи ја намалуваат конкурентноста на европската индустрија.

Според Кабинетот на италијанската премиерка, тројцата лидери повикале на забрзување на инвестициските постапки во приоритетните сектори, меѓу кои енергетиката и дигитализацијата, запирање на воведувањето нови административни оптоварувања и намалување на обврските за корпоративно известување за одржливоста, особено за малите и средните претпријатија.

Мелони го критикуваше и системот на ЕУ за тргување со емисии на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина, оценувајќи дека тој ги зголемува цените, создава разлики меѓу земјите-членки и им наштетува на компаниите.

Во меѓувреме, италијанската заменик-министерка за животна средина, Ванија Гава, го повика Советот на ЕУ за животна средина на состанокот во Луксембург да разгледа можност за одложување на воведувањето на системот „ЕУ ЕТС 2“. Станува збор за посебен систем за тргување со емисии, воспоставен од ЕУ, што треба да ги опфати директните емисии на јаглерод диоксид од фосилните горива што се користат во патниот сообраќај, за греење во зградите и помалите индустриски сектори.

Според планот, системот е предвидено да ги опфати патниот сообраќај и зградите од 2028 година.

Еврокомесарот за клима, Вопке Хукстра, изјави дека Европската комисија не планира да ја менува утврдената временска рамка.

При посетата на Рим, еврокомесарот за правда Мајкл Мекграт изјави дека Комисијата тесно соработува со владите за да обезбеди флексибилност во справувањето со растечките трошоци за живот и енергетската криза, притоа зачувувајќи ја фискалната одржливост.