Бугарија пријави нови напади со дронови врз бродови во Црното Море


Бугарскиот премиер Румен Радев соопшти дека се регистрирани нови напади со дронови врз бродови во Црното Море, оценувајќи дека ваквите напади во непосредна близина на бугарските територијални води се „апсолутно неприфатливи“.

Радев изјави дека е свикан итен состанок на Советот за безбедност при бугарската влада, за време на кој е примена информација за уште еден погоден брод, 17 наутички милји источно од Крапец, кој потонал, додека еден член на екипажот е спасен.

Претходно, во 1:30 часот по полноќ, е примен повик за помош од брод лоциран 18 наутички милји источно од Бјала. Според информациите доставени од екипажот до Центарот за поморско спасување во Варна, бродот бил погоден од три воздушни дронови во палубата и од страната, јави БТА.

Бугарските спасувачки служби и членовите на граничната полиција ги евакуирале сите 15 членови на екипажот на бродот „Челзи 3“, кој пловел под знамето на Малта, а е регистриран во Одеса и е во сопственост на Украина. Екипажот го сочинуваат седум украински и осум азербејџански државјани.

Според Радев, екипажот е пренесен во пристаништето Варна, а пет члена добиле медицинска помош за полесни повреди.

Бугарскиот премиер изјави дека постојаните претставници на Бугарија во НАТО и Европската Унија се информирани за инцидентите и дека очекува разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

– Бугарија побара поддршка во истрагата за нападите врз три брода со цел со сигурност да се утврди од која земја потекнуваат беспилотните летала што ги погодуваат бродовите во непосредна близина на бугарските територијални води – рече Радев.

Тој додаде дека Бугарија ќе продолжи да бара помош во зајакнувањето на воздушниот и поморскиот надзор, како и во подобрувањето на сопствените капацитети за одговор.

– Немаме цврсти и јасни докази за да покренеме обвиненија против која било од страните, но логиката, како што веќе наведов, укажува дека резултатот е во корист на Руската Федерација – рече Радев и додаде дека поради ова ќе ја покани руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова, на разговор.