Жителите на Пчиња ја прекинаа блокадата на „Краста“, продолжува депонирањето отпад


 Жителите на кумановското село Пчиња денеска ја прекинаа блокадата на депонијата „Краста“, по договор со Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“. По интервенцијата на механизацијата од повеќе претпријатија, општествено одговорни компании и со поддршка од други општини, пожарот на депонијата е изгаснат, а отпадот е покриен со земја.

Санацијата ќе продолжи и во наредниот период со цел да се спречи повторување на пожарите и загадувањето на воздухот.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, информираше дека блокадата е прекината и дека е постигнат договор со жителите, по што депонирањето на отпадот на „Краста“ продолжува.

– Вчеравечер остваривме средба со претставниците на селото Пчиња. Се разговараше конструктивно за надминување на проблемите. ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово, со помош на Општина Куманово и општествено одговорните компании, продолжува со санација на депонијата „Краста“, унапредување на нејзината состојба и спроведување други мерки предложени од жителите на регионот, објави Димитриевски.

Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, потврди дека од утрово повторно се депонира отпадот на „Краста“. Тој посочи дека во Куманово има големи количества собран смет, особено во поширокото градско подрачје, поради прекинот на одлагањето во изминатите денови.

– Имаме големи количества отпад, особено во поширокото градско подрачје. Ќе работиме и во текот на ноќта за да го изнесеме. Ќе одиме по приоритетни зони и се надевам дека набрзо ќе се нормализира состојбата. Замолуваме за разбирање – рече Томиќ.

Претседателот на Месната заедница Пчиња, Александар Илиевски, изјави дека жителите одлучиле да ја прекинат блокадата, но остануваат на своите барања и нема да дозволат повторување на состојбата со пожарите и загадувањето со која се соочувале во изминатите шест месеци. Тој најави нова средба за еден месец и континуирано следење на состојбата за да се спречи повторно палење на депонијата и загадување на воздухот.