Ива Михаилова е во Бугарија, институциите молчат како ја поминала границата
Ива Михаилова од Кочани, која е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, веќе се наоѓа во Бугарија, објави Ангел Георгиев, претставник на бугарската партија „Преродба“. Георгиев преку социјалните мрежи соопшти дека успеале да се изборат за нејзиното враќање во Бугарија, по повеќемесечните барања таа да добие можност за лекување таму.
„Ива Михаилова веќе е во Бугарија! Успешно се изборивме за нејзиното враќање! Време беше институциите да си ја завршат работата, откако ги пропуштија првите седум месеци“, напиша Георгиев.
Тој порача дека ќе продолжат да се борат за секој Бугарин, без разлика во кој дел од светот се наоѓа.
Објавата доаѓа само неколку дена по средбата во Софија меѓу македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски и бугарската министерка Велислава Петрова-Чамова, на која беше отворено и прашањето за Михаилова. Бугарската страна тогаш побара случајот да се разгледува и од хуманитарен аспект, поради тврдењата за нејзината здравствена состојба. Муцунски посочи дека судската постапка мора да биде одвоена од правото на здравствена заштита и дека извршната власт не може да интервенира во судските одлуки.
По средбата беше соопштено дека постои подготвеност бугарски лекари да дојдат во Македонија и да ја прегледаат Михаилова.
Засега нема официјално соопштение од македонските судски органи за околностите под кои Михаилова наводно заминала во Бугарија, дали е донесена судска одлука со која ѝ е дозволено патувањето и како тоа се одразува врз постапката што се води против неа.
Ива Михаилова, која има бугарско и македонско државјанство и против која се води судска постапка по тешката сообраќајна несреќа на патот Кочани – Штип, веќе пристигнала во Бугарија каде што треба да добие лекарска помош во болницата „Пирогов“. Таа и нејзиниот адвокат Николај Димитров изјавија дека одлуката за заминување била донесена поради влошената здравствена состојба на младата жена. Пред новинарите во Бугарија, Михаилова рече дека границата ја преминала со својот адвокат и дека засега не знае колку долго ќе остане во Бугарија.
„Вчера ја преминавме границата сосема легално со мојот адвокат од Македонија. Треба да се лекувам во болницата „Пирогов“ и да видам што понатаму. Бев под притисок поради моето бугарско потекло и не се чувствував добро. Не знам колку долго ќе останам во Бугарија, ќе проценам дали да се вратам. Среќна сум што сум овде и се чувствувам безбедно“, изјави Михајлова.
Таа додаде дека во изминатиот период се соочувала со здравствени проблеми и изрази надеж дека понатамошниот развој на настаните ќе биде позитивен. Нејзиниот адвокат Николај Димитров објасни дека Михаилова го контактирала откако нејзината состојба се влошила, по што заедно одлучиле да заминат во Бугарија за да биде прегледана.
„Вчера Ива ме контактираше и ми кажа дека не се чувствува добро. Одлучивме заедно да се обидеме да ја донесеме во Бугарија за да биде прегледана овде. Лекарите ќе направат преглед и ќе утврдат каква е нејзината состојба. Таа мора да се грижи за своето здравје. Веќе не можеме да чекаме“, изјави Димитров.
Според адвокатот, тие ја преминале границата преку официјален граничен премин, а македонските гранични службеници знаеле за кого станува збор.
„Ги извадивме документите и поминавме. Луѓето од македонска страна беа целосно свесни дека станува збор за Ива Михајлова. Никој ништо не ни рече. Разговаравме и заминавме“, рече тој.