Иран ја повика Саудиска Арабија на дипломатија додека ескалираат нападите на Хутите
Техеран – Иран го повика ривалот Саудиска Арабија да побара дипломатско решение за ескалацијата на конфликтот со милицијата на Хутите во Јемен, предупредувајќи дека продолжувањето на воените акции само дополнително ќе ја влоши ситуацијата.
– Инсистирањето на воен пристап и занемарувањето на политичкото решение само дополнително ќе ја комплицира ситуацијата – изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во телефонски разговор со својот саудиски колега Фаисал бин Фархан, соопшти Техеран.
Иран е подготвен да „пружи каква било форма на поддршка“ за да помогне во иницирањето на преговорите, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.
Конфликтот меѓу Саудиска Арабија и милицијата на Хутите, која е сојузник на Иран, нагло ескалираше за време на викендот.
Повеќе од десетина луѓе загинаа, а стотици беа повредени во најсериозниот напад досега врз меѓународниот аеродром во Ријад, соопштија официјалните лица.
Хутите презедоа одговорност и предупредија дека саудиските аеродроми и воздушниот простор се „легитимни цели“. Милицијата соопшти дека истрелала балистички ракети, крстосувачки ракети и беспилотни летала кон аеродромите и енергетските објекти, вклучувајќи и локации кои ѝ припаѓаат на државната нафтена компанија „Арамко“.
Хутите исто така ја обвинија Саудиска Арабија дека извршила повеќе од 120 воздушни напади врз јеменскиот главен град Сана и други провинции во рок од 24 часа. Тврдењата не можат независно да бидат потврдени, нагласува ДПА.
Хутите се борат против меѓународно признатата влада во Јемен, поддржана од Саудиска Арабија, повеќе од една деценија. Примирјето постигнато во 2022 година во голема мера го замрзна конфликтот, но борбите повторно се разгореа во услови на пошироката војна во која е вклучен Иран.