Палестинците би можеле да ги одложат парламентарните избори поради влошените услови
Палестинската управа ја извести Франција дека парламентарните избори на палестинските територии, планирани за 28 ноември, ќе бидат одложени поради влошените услови на окупираните територии, а на претседателот Махмуд Абас му е советувано гласањето да се помести за првата половина на септември 2027 година, се наведува во писмо во кое увид имаше агенцијата Ројтерс, пренесува БТА.
Потпретседателот на Палестинската управа, Хусеин ал Шеик, во писмото испратено вчера до францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро наведе дека политичките, безбедносните и економските услови врз основа на кои беа распишани изборите не се исполнети.
„Одржувањето на изборите во сегашните околности наидува на суштински пречки за обезбедување широко учество, слобода на учество и гаранции за веродостојноста на изборниот процес“, се наведува во писмото.
Во писмото се појаснува дека палестинските власти очекувале условите да се подобрат со спроведувањето на мировната иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп и резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации. Тие мерки требаше да вклучуваат распоредување меѓународни сили и палестинска полиција во Газа, разоружување на Хамас и повлекување на израелските сили од Појасот Газа. Покрај тоа, палестинските власти очекуваа САД да преземат мерки за спречување на анексијата на дополнителни палестински територии на Западниот Брег и во Источен Ерусалим, ограничување на насилството од еврејските доселеници и одмрзнување на речиси седум милијарди долари од палестинските средства што ги блокира Израел.
„Овие чекори, договори и ветувања не беа реализирани. Напротив, условите на сите палестински територии се влошија“, напиша Ал Шеик до Баро.
Врз основа на оваа процена, палестинските претставници му препорачаа на Абас со указ да го одложи гласањето за првата половина на септември 2027 година и во меѓувреме да продолжи со дијалогот за создавање соодветни услови.
Некои претставници на партијата Фатах на претседателот на Палестинската управа побараа дијалог со Хамас и другите палестински фракции за усогласување на заедничка визија за иднината на палестинските територии пред одржувањето на изборите. Други укажаа на пречки за внесување гласачки кутии, документација на изборните комисии и мастило во Појасот Газа, што би го оневозможило гласањето таму.
Писмото е испратено до Франција, која ја призна Палестинската Држава во септември минатата година. При донесувањето на таа одлука, Париз инсистираше на одржување на планираните парламентарни и претседателски избори, а Абас писмено се обврза на тоа пред францускиот претседател Емануел Макрон и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
Портпаролот на француското Министерство за надворешни работи, Паскал Конфавро, вчера изјави дека одржувањето избори на палестинските територии е од суштинско значење и ја поздрави мисијата на Европската Унија за набљудување на изборите.