Стејт департментот отвора истрага за бурниот ноќен живот на Кимберли Гилфојл
Наводното лето поминато во забави во Грција доведе до тоа Стејт департментот да отвори истрага против Кимберли Гилфојл, амбасадорката на САД во Атина. Вработените во амбасадата го опишале нејзиното амбасадорување како крајно „тиранско“, според пишувањата на „Дејли мејл“. Весникот објави дека 57-годишната истакната фигура од движењето MAGA деградирала агент за обезбедување кој не ѝ донел мраз додека таа пиела алкохол во 4 часот наутро на Миконос.
Сега, Стејт департментот ги разгледува поплаките против Гилфојл, чии барања својствени за „дива“ што пие шампањ – како на пример инсистирање на бесплатни оброци, врвни вина и кошаркарски терен вреден 58.000 долари во нејзиниот дом во Атина – беа обелоденети минатата недела.
Конкретно, извори за „Дејли мејл“ велат дека Канцеларијата на генералниот инспектор при Стејт департментот сега истражува наводи за „можна злоупотреба на супстанци, користење приватни авиони и хеликоптери, блиски односи со компанија од енергетскиот и градежниот сектор, несоодветно прифаќање подароци и друго“ од страна на Гилфојл. Извори од Грција за весникот велат дека ситуацијата во Атина достигнала „критична точка“, нешто помалку од една година откако Гилфојл ја презела функцијата амбасадорка.

„Кога ќе се соберат доволно поплаки, се отвора истрага“, изјавил за таблоидот извор упатен во случувањата во Грција. „Така функционираат работите. Се надеваме дека ова ќе ја освести.“
Ситуацијата за Гилфојл се влоши во средата вечерта, кога „Волстрит џурнал“ објави сензационален извештај во кој таа се обвинува дека молела донатор на движењето MAGA да ѝ ја плати сметката од 100.000 долари во „Американ експрес“ (American Express) во замена за пристап до влијание и до клучни личности од кругот на претседателот Доналд Трамп.
Додека Гилфојл наводно се движела во високите кругови низ Егејското Море – дури и пристигнувајќи во Атина со приватен авион на милијардер за нејзиниот прв работен ден – вработените во амбасадата велат дека живеат во страв оти водителката на „Фокс њуз“ (Fox News), која станала амбасадорка, би можела да ги отпушти во секој момент. Извори за „Дејли мејл“ (Daily Mail) велат дека Гилфојл постојано им се заканувала на вработените: „Завршете ја работата, по ѓаволите, или ќе добиете отказ!“

Гилфојл (57) очигледно ја спровела заканата во дело. Двајца од возачите на Гилфојл, идентификувани како Петрос и Димитрис, биле деградирани бидејќи на амбасадорката не ѝ се допаднал начинот на кој „свртеле лево“, според пишувањата на „Дејли мејл“. И покрај тоа што биле обучени во САД, двајцата мажи повеќе не смеат да возат за Гилфојл.
Во уште еден наводен инцидент, извори тврдат дека Гилфојл го деградирала агентот задолжен за нејзиното обезбедување бидејќи не се јавил на нејзиниот повик во 4 часот наутро за да ѝ донесе коцки мраз.
„Гилфојл пиела во четири наутро и го повикала членот на обезбедувањето, Васили – човек кој веќе е дедо и кој очигледно спиел и не одговорил“, изјавил извор за весникот. „Следниот ден, таа го деградирала.“ „Дејли мејл“ (The Mail) пренесува дека таа ја издала наредбата додека пиела алкохол на Миконос.
Нејзините испади станале толку сериозен проблем што, според пишувањата на таблоидот, се вклучила и грчката полиција, откако вработените пријавиле „вербално малтретирање“ од страна на Гилфојл. Иако нејзиниот тим наводно се соочува со голема флуктуација на кадар, Гилфојл била забележана како пие пенливо вино во „Намос“ (Nammos), ексклузивен клуб на плажата Псару на Миконос, во текот на јули. Истиот месец, таа отпатувала за Париз на Модната недела.

Гилфојл беше назначена на својата луксузна амбасадорска функција кратко откако нејзината свршувачка со најстариот син на претседателот, Доналд Трамп Џуниор тивко беше раскината во 2024 година. Нејзиното наводно однесување – кое, според извештаите, вклучувало постојани нарачки на истиот екстремно скап шампањ и дружење со лобистот за енергетика Христос Марафацос – поттикнало шпекулации во администрацијата на Трамп за тоа дали таа е соодветна за улогата на амбасадор во земја што е клучен сојузник на САД.
„Прашањето сега е колку долго таа може да се задржи на позицијата?“, изјавил за „Дејли мејл“ извор близок до Трамп. „Во кој момент претседателот ќе го разгледа ова и ќе одлучи дека ваквата ситуација едноставно не може да продолжи?“
Кимберли Гилфојл беше многу блиску до тоа да постапи како што треба. Но во јавноста излезе сторија дека актуелната амбасадорка во Грција разменувала пораки со човек по име Ерик Дитерс, водител на десничарски подкаст, неуспешен политички кандидат и адвокат со суспендирана лиценца во Кентаки, кој сакал помош за расчистување на некои даночни прашања и барал администрацијата на Трамп да екстрадира лекар, чии наводни жртви на измама тој ги застапувал во правен случај. Гилфојл, како што покажуваат пораките, сакала пари – во еден случај, трансфер од 100.000 долари – и сакала тоа да биде направено така што трагата нема да може да се следи.

Гилфојл имала право што се грижела за тајноста. Таа наскоро требало да започне со сослушувањата за потврдување на нејзината амбасадорска функција и сфаќала дека практиката на „плаќање за услуги“ може да ѝ наштети. Сепак, ниту таа ниту Дитерс не можеле да престанат да го прекршуваат правилото на Стрингер Бел, односно да ги документираат своите сомнителни зделки во писмена форма.
„Никаде нема да се појави ако ги префрлиш парите на American Express“, напишала Гилфојл. „Те молам.“ И во друга порака: „Душо, те молам, треба да ми го завршиш ова денес.“
Сепак, дури и додека ги давала овие упатства, таа постојано го критикувала Дитерс за неговата недискреција: „Навистина би сакала да престанеш да оставаш писмени траги за сите овие работи. Навистина е опасно и не е од корист ниту за тебе ниту за мене, а можеш едноставно да ми се јавиш преку Signal“, напишала таа, мислејќи на апликацијата за шифрирано допишување. Во една порака таа напишала: „Ако напишеш имејл или порака за ова, ќе те убијам – зашто те сакам, но целосно си излезен од контрола“. За жал по Гилфојл, нејзините пораки на „Сигнал“ (Signal) не биле толку безбеден простор како што таа можеби се надевала.
Но, ова не е единствениот скандал поврзан со Трамп и со Балканот што се појави во вестите оваа недела. „Њујорк тајмс“ објави дека Џејмс Блер и Крис Ласивита – кои наводно се главни политички советници на претседателот Трамп – отпатувале во БиХ за да советуваат кандидат во српскиот ентитет .И двете приказни покажуваат како многу луѓе од кругот на Трамп своите позиции не ги гледаат само како јавна служба, туку и како извор на профит. Постои долга и честопати депресивна шема на поранешни функционери кои профитираат од својата работа во владата и политиката, но соработниците на Трамп не се подготвени дури ни да почекаат да си заминат од функцијата за да почнат да профитираат. Заборавете на „тимот ривали“; светот на Трамп е тим од платеници – во некои случаи, и буквално.
Џаред Кушнер, кој беше виш советник за време на првиот мандат на Трамп и е сопруг на неговата ќерка Иванка, продолжува да работи како пратеник на Трамп додека истовремено склучува деловни зделки низ целиот свет. Како што напиша Декстер Филкинс во „Њујоркер“ во септември, учинокот на Кушнер како дипломат е незабележителен, но неговите финансиски добивки се огромни.
„Тој претставува нов вид на фигура во Вашингтон, за кого јавната функција служи како средство за стекнување огромно богатство“, напиша Филкинс.
Кушнер и Иванка Трамп дури имаат и свој сомнителен балкански проект – обид за развој на остров во Албанија, кој наиде на правни и политички пречки.
Претходно оваа година, „Тајмс“ објави дека секретарот за трговија Хауард Лутник помогнал во преговорите за пристап до резервите на волфрам во Казахстан за една американска рударска компанија, а федералната влада обезбедила финансирање од 1,6 милијарди долари. Синовите на Лутник и синовите на Трамп се поврзани со компании што би можеле да профитираат од овој договор (иако нивни претставници изјавија дека тие немале никаква улога во договорот).
Истражување на „Вашингтон пост“ од ова лето покажа дека синовите на Трамп имаат вложено значителни средства во компании за одбранбена технологија; овие компании добиле „директни владини договори во вредност од најмалку 3,2 милијарди долари откако синовите инвестирале, како и дополнителни 3,1 милијарда долари во опции за идни договори“. (Претставници на компаниите изјавија за „Пост“ дека договорите ги обезбедиле без помош од синовите на Трамп.)
Од каде им е на овие луѓе идејата дека ова е соодветно или дека можат да поминат неказнето? Од самиот претседател, се разбира. Трамп премина од ситни измами – како наплаќање превисоки суми на Тајната служба за престој во неговите хотели за време на неговиот прв мандат – кон многу поамбициозни и попрофитабилни шеми, како што се потфатите со криптовалути; дури и конзервативните проценки укажуваат дека неговата заработка само во овој мандат се мери во милијарди.

Иако Трамп нема етички скрупули, сепак има чувство за тоа што е правилно, а што погрешно: за него е во ред да профитира, но погрешно е другите да заработуваат премногу пари користејќи го неговото име. Токму тука Блер, Ласивита и Гилфојл би можеле да наидат на проблеми.
„Политико“ известува дека републиканците сега се подготвени „да ги нападнат со сите сили“ овие двајца консултанти. Самиот Трамп се огласи на „Трут соушл“ (Truth Social), изјавувајќи дека не бил запознаен со нивните клиенти, но додавајќи дека „ ќе ги прашам и доколку постои конфликт на интереси, веднаш ќе ги отпуштам!“ Нивното отпуштање непосредно пред изборите на средината на мандатот изгледа ризично, бидејќи може да создаде дополнителен хаос за републиканците, но тие би можеле да послужат како погодни жртвени јариња откако ќе помине сè.
Трамп не зборуваше јавно за приказната околу Гилфојл, иако потпретседателот Венс изјави дека тоа „не му се допаѓа“. Дополнителна непријатност претставуваше и фактот што статијата се појави додека државниот секретар Марко Рубио беше во посета на Атина.
Можеби неизбежно, односот меѓу Гилфојл и Дитерс заврши со горчина: „Ти имам исплатено 300.000 долари низ годините“, ѝ напиша тој во 2025 година, додавајќи дека „до моментот на оваа порака, не сум добил ниту една услуга. Не сум наивен ниту будала.“
Ниту таа не беше задоволна. „Каква ноќна мора, буквално ќе ме чиниш амбасадорска позиција, престани да пишуваш“!.
Денес пак вест стана и шефицата на кабинетот на Белата куќа, незаменливата Сузи Вајлс, и нејзината ќерка, по објавите дека изминатите недели одделно се сретнале со високи претставници на проруското српско националистичко раководство во Босна ( на Милорад Додик). Фотографиите што ги документираат средбите на Вајлс со претставници на Република Српска – автономниот ентитет што ја сочинува половината од Босна и Херцеговина – се појавија откако претседателот Доналд Трамп се огради од двајца долгогодишни политички советници поради нивните патувања во регионот со цел да ја советуваат тамошната влада за прашања поврзани со изборите.
Вајлс се сретнала со Жељка Цвијановиќ, блиска соработничка на дДодик, во Белата куќа на 21 септември. Цвијановиќ тогаш објави фотографија од средбата на Инстаграм, наведувајќи дека двете разговарале за „ситуацијата во БиХ и регионот“ и дека очекуваат продолжување на соработката. Цвијановиќ во неделата освои уште еден мандат како српски член на тричленото претседателство на Босна и е висока функционерка на СНСД, српската националистичка партија што доминира во Република Српска и одржува блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин.

Нејзината ќерка Кејти Вајлс патувала во Република Српска во август и била фотографирана како држи пушка заедно со министерот за внатрешни работи на регионот, Жељко Будимир, објави Си-би-ес њуз (CBS News), откако ја потврди автентичноста на сликата и локацијата.Кејти Вајлс е партнер во „Континентал стратеџи“ (Continental Strategy), лобистичка фирма од Вашингтон која претходно оваа година се регистрирала за да ја застапува владата на Република Српска. Компанијата изјави за CBS дека нејзиното дводневно патување било за посебен клиент од САД кој спроведувал студија за изводливост, како и дека таа не разговарала со претставници на американската влада за Република Српска. Претставник на Белата куќа се обиде да направи дистанца меѓу Сузи Вајлс и лобистичката работа на нејзината ќерка, изјавувајќи за CBS News дека „Сузи не разговара за работни прашања со своите ќерки“.
Република Српска потроши значителни средства за лобисти во Вашингтон, додека нејзините лидери се обидуваа да воспостават поблиски односи со администрацијата на Трамп. Минатата година, администрацијата ги укина санкциите против Додик и неколку негови сојузници, кои беа воведени поради неговите напори да го поткопа повоениот политички поредок во Босна, воспоставен со посредство на САД.