Од “Питијада”до “Дипломатско котле” и гастрономски мастер-класови: Велес ги спојува традицијата и светската кујна


„Don’t worry, be Veles“ : Велес деновиве е центар на гастрономијата, каде што велешката пита пастрмајлија, виното и локалната традиција се среќаваат со светските кулинарски искуства, а новите генерации готвачи и келнери добиваат можност да учат од врвни професионалци.
 
На 9, 10 и 11 октомври се одржува Фестивалот на велешка пита и вино “Питијада 2026” кој и годинава носи богата програма, но и посебен меѓународен гастрономски момент.
За првпат, традиционалната велешка пастрмајлија ќе биде оценувана од интернационално жири составено од 15 познати шефови, со што локалниот специјалитет добива можност да биде претставен пред еминентни имиња од светот на гастрономијата.
 
 
Оценувањето ќе се одржи на 11 октомври, точно напладне, пред главната бина, кога ќе се бара одговорот на едно многу важно прашање: која е најдобрата велешка пита?
Меѓу членовите на интернационалното жири се Стево Карапанџа, Уве Мишел, Драгица Лукин, Изток Легат, Дон Давид, Доменико Маџи, Томаж Возељ, Ѓорѓе Костиќ, Георге Дамјаноу, Вуко Митровиќ, Ерих Главица, Емрах Коксел…, нашиот шеф Љупчо Гиевски и директорот на ССОУ „Коле Неделковски“, Горан Богоевски.
 
Посебно внимание ќе привлече и подготовката на велешка пита долга 4,40 метри, од која сите посетители ќе можат да вкусат. 
 
Гастрономската приказна продолжува на 12 октомври, во етно-кампот “Езеро Младост”, каде што ќе се одржи “Дипломатско котле”. Ова ќе биде вистински пикник каде ќе има дружење и ќе се подготвуваат јадења карактеристични за Велес.
 
На 13 октомври, вторник, во соработка со “Гастро Мак”, во ССОУ „Коле Неделковски“, ќе се одржат предавања и мастер-класови за учениците.
Велешките идни готвачи и келнери ќе имаат можност директно да учат од искусни гастрономски професионалци, судии на ВАКС и еминентни имиња од кулинарскиот свет. Преку нивните искуства, стручни совети и практични демонстрации, учениците ќе добијат нови сознанија за професијата, и ќе ги препознаат можностите што таа ги нуди.
 
Организатори на настаните се Општина Велес, ССОУ “Коле Неделковски” и 
“Гастро Мак”.