Почина Маргарет Хамилтон, која го овозможи слетувањето на Месечината


Американската информатичарка и пионерка во компјутерството Маргарет Хамилтон, која го водеше тимот за развој на софтверот за мисиите Аполо на НАСА, почина на 30 септември на 90-годишна возраст во Кембриџ. Веста за нејзината смрт официјално ја објави Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ).

Еден од најважните и најпознатите моменти во кариерата на Маргарет Хамилтон се случил во јули 1969 година. Додека лунарниот модул „Игл“ се приближувал до површината на Месечината, компјутерот на бродот одеднаш почнал да емитува аларм со шифрата 1202, што укажува на преоптоварување на системот поради проблем со хардверски прекинувач.

Иако постоела реална опасност историското слетување да биде прекинато, мисијата продолжила благодарение на иновативниот софтвер што го развил тимот на Маргарет Хамилтон. Нејзиниот софтвер бил проектиран да го препознае оптоварувањето, да ги запре помалку важните задачи во позадина и да даде апсолутен приоритет на операциите што биле клучни за безбедното слетување на астронаутите. Контролата на летот во Хјустон се потпрела на овој механизам за опорарување, што им овозможило на Нил Армстронг и Баз Олдрин безбедно да стапнат на Месечината.

„Грешката на Лорен“ и создавањето на одбранбено програмирање
Сигурноста на софтверот за Хамилтон значело и подготовка за непредвидените грешки. Во текот на подготовките за претходните мисии на Аполо, нејзината четиригодишна ќерка Лорен си играла на симулаторот на командниот модул и среде симулираниот лет случајно ја покренала програмата P01, наменета за подготовка пред лансирање, што го урнало системот.

Хамилтон тогаш предложила измена на софтверот за да се спречи ова да се случи во текот на вистинската мисија, но нејзиниот предлог првично бил одбиен со образложение дека врвно обучените астронаути нема да направат таква грешка. Меѓутоа, во текот на мисијата Аполо 8 во 1968 година, астронаутот Џим Ловел случајно ја активирал токму таа програма, бришејќи ги навигациските податоци. Хамилтон и нејзиниот тим брзо го решија проблемот, по што нејзините заштитни промени биле трајно вградени во програмата. Овој настан, познат како „Грешката на Лорен“, станал еден од првите примери во практиката на „дефанзивното програмирање“ – развој на софтвер способен сам да предвидува и коригира грешки.

Од метеорологија до раѓањето на „Софтверското инженерство“
Родена на 17 август 1936 година во Паоли, Индијана, Хамилтон дипломирала на колеџот Ерлхам во 1958 година со диплома по математика со споредна насока филозофија. Во текот на нејзиниот работен ангажман во МИТ од 1959 година, таа прво пишувала софтвер за временска прогноза со професорот Едвард Лоренц, кој подоцна послужил и за неговата работа на теоријата на хаосот. Потоа, работела во лабораторијата Линколн на системот за воздушна одбрана SAGE.

Кога МИТ добил договор од НАСА во 1965 година за развој на софтвер за мисиите Аполо, Хамилтон аплицирала за огласот и станала првата личност и првата жена што била вработена како програмер на проектот. До 1968 година, таа станала помошник-директор задолжена за тимовите за команда, служба и лунарен модул, водејќи тим од над 400 луѓе. Во тоа време, компјутерските науки и програмирањето се сметаа за непознати, па затоа Маргарет Хамилтон почна да го користи и популаризира терминот „софтверско инженерство“ со цел да ѝ даде на оваа област легитимитет и признание еднакво на другите инженерски дисциплини.

Благодарност и наследство
По работењето на програмата Аполо, Хамилтон ги основа компаниите Higher Order Software (1976) и Hamilton Technologies (1986), каде што го развила јазикот за моделирање на комплексни системи USL (Universal Systems Language).

Во 2016 година, американскиот претседател Барак Обама ѝ го доделил највисокото цивилно одликување – Претседателскиот медал за слобода – за нејзините достигнувања. Во тоа време, беше забележано дека нејзината работа ги постави темелите на индустријата што ја промени човечката историја засекогаш. Целиот изворен код за мисијата Аполо 11 беше објавен во целост на платформата GitHub во 2015 година, додека во 2017 година, Хамилтон ја доби својата официјална LEGO фигура како дел од сетот „Жени во НАСА“.

Поранешниот американски претседател ја одликува Маргарет Хамилтон/Фото: Nicholas Kamm / AFP / Profimedia
Маргарет Хамилтон ги остави зад себе ќерката Лорен, зетот Ричард, два внука, четири правнуци, како и браќата Џон и Дејвид и сестрата Катерина. Официјална комеморација ќе се одржи напролет во Кембриџ, Масачусетс.