Условите за задолжување стануваат сѐ потешки – Владата земала заем од 150 милиони евра со камата од 5,25 отсто


Министерката за финанси Гордана Димитриеска Кочоска вели дека сите задолжувања што се досега реализирани, како и идните, се во рамки на она што е предвидено во Буџетот. Ништо, потенцира таа, надвор од тоа што е предвидено не се задолжуваме. 

Потврди дека пред два дена Владата се задолжила, исто така, во рамки на планираните задолжувања, но, како што појасни,  поради состојбата на финаниските пазари, наместо 250 милиони евра, земала заем од 150 милиони.

-Ние пред два дена се задолживме, меѓутоа не 250 милиони евра колку што беше планирано. Токму поради состојбата на пазарите одлуката беше дека нема да го користиме целиот износ. Напротив, земавме 150 милиони евра од причина што  состојбата на финансиските пазари е повеќе од јасна. Овие пари ни се потребни за да може да исфинансираме до крајот на годината камата и главница, рече на денешната прес-конференција посветена на ребалансот на Буџетот. 

Таа појасни дека станува збор за издавање на една помала еврообврзница и оти се работи за приватни инвеститори.

-Можам да кажам дека тоа се најголемите светски инвеститори и дека во овие услови кога состојбата во светот е таква ние навистина имавме голем интерес од таков тип инвеститори. Тоа мора да го кажеме и треба да се пофалиме со тоа дека сепак најголемите инвеститории во светот се уште веруваат и верувам дека ќе биде така и натаму затоа што 2027 година, исто така, ќе биде голем предизвик, рече министерката за финансии додавајќи дека заемот е земен со каматна стапка од 5,25 проценти. 

Додаде дека до крајот на годината се планирани и одредени задолжувања, како што рече, не во рамки на овој, туку во првиот ребаланс, затоа што, како што истакна, треба да се сервисираат долговите, во најголем дел надворешен долг и камати кон надворешен долг.

Министерката за финансии потсети дека доспеваат и државни хартии од вредност и оти таа како министер, како што рече, последните две години постојано зборува за доспевањата до една година.

-Ако вие на следната аукција имате доспевање од 50 милиони евра, а некоја од банките не ви презапише вие по автоматизам треба да обезбедите средства од друга страна за да ги исфинансирате. Токму затоа јас за овие харии од вредност со доспевања до 1 година постојано кажувам до кој износ се стигнати за да немаме заблуди да мислат граѓаните дека тоа не постот. Тоа постои и треба да се менаџира, рече Димитриеска Кочоска.