Демократите бараат да му се забрани на Трамп користење буџетски средства за предизборно рекламирање
Националниот комитет на Демократската партија на САД (DNC) поднесе тужба против претседателот Доналд Трамп, барајќи судски налог со кој на неговата администрација би ѝ се забранило користење пари од даночните обврзници за плаќање телевизиски реклами поврзани со изборната кампања.
Во тужбата поднесена пред федералниот суд во Вашингтон, DNC го обвинува Трамп за „флагрантно кршење на законската забрана за користење буџетски средства за публицитет или пропаганда“.
Телевизиските реклами во кои се велича Трамп, а се финансираат со пари од даночните обврзници, почнаа да се емитуваат кон крајот на септември, што предизвика остри реакции и кај демократите и кај републиканците.
Трамп во понеделникот на социјалната мрежа „Трут соушл“ објави дека ги смета рекламите за „позитивна промоција за нашите големи Соединети Американски Држави“, но дека повеќе нема да ги финансираат даночните обврзници. Белата куќа потоа соопшти дека рекламите ќе ги финансира политичкиот акциски комитет „MAGA PAC“.
Сепак, демократите во тужбата наведуваат дека рекламите продолжиле да се емитуваат и по изјавите на Трамп.
„Со помалку од 30 дена до меѓуизборите и со милиони јавни долари доделени за плаќање пропагандни реклами кои сè уште не се потрошени, DNC нема друг избор освен да преземе акција во одбрана на слободни и фер избори“, се наведува во тужбата.
Рекламите во кои се велича Трамп беа емитувани за време на фудбалски натпревари во неделата, како и за време на други јавни настани и телевизиски програми.