Проектот за брза пруга се реализира согласно договорената динамика, вели Николоски
Тендерот за изградба на третата фаза за пругата кон Бугарија е веќе објавен на страната за јавни набавки на ЕУ. За тунелот, работните групи на Македонија и Бугарија веќе технички работат, додека проектот за брза пруга на Kоридор 10 се реализира согласно договорената динамика и рокови, објасни, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, во интеврјуто за “Радио Лидер”.
“ За третата секција, најкомплицираната од Крива Паланка, односно таа треба да оди под Крива Паланка -тунелот е најголем што го има под градот, до влезот на меѓуграничниот тунел, веќе тендерите се објавени. Oбјавени се на официјалниот систем за јавни набавки на Европската Унија и ова е потврда за проектот што е големо признание за работата на Македонски Железници Инфраструктура и на Владата, што значи дека водите процес што е транспарентен. Рокот за доставување понуди е четири месеци и завршува на 20 јануари. После тоа одиме во процес на евалуација кој што очекувам да биде некаде околу деведесетина дена, односно три месеци и тоа би значело дека некаде крајот на април месец би требало да имаме избрано изведувач којшто би требало веќе од мај-јуни да почне да ја гради третата фаза“ – истакна Николоски.
Тој потенцираше дека втората фаза од Бељаковце до Крива Палана се очекува да се заврши 2028 година.
“ Рокот за завршување е до 2028 година, имајте предвид дека во моментов прогресот на работите е 40%, тоа што ќе го стигнеме во рок. Месечна динамика веќе оди на некаде помеѓу 2 и 2,5%, што значи дека стигннуваме до крајот на 2028 година, што ќе е прв видлив бенефит за македонскиот граѓанин, затоа што ќе има веќе меѓуградски воз кој што ќе сообраќа на линијата Скопје – Куманово – Крива Паланка”- истакна Николоски.
Во однос на брзата пруга на Коридор 10, вицепремиерот Николоски потенцира дека се работи согласно зададените рокови.
“Рокот беше до 31-ви август да бидат завршени сите студии, вкупно 6 студии се и истите се завршија во рок. Сега влегуваме во финалната фаза, а тоа е избор на куќа која што ќе биде заемодавател. Заемопримател веќе имаме, тоа е Македонски Железници Инфраструктура и избор на Изведувач. Зависно од собраниските процедури кои што единствени се вон моја и на Владата надлежност и зависно од временските услови ќе почнеме со активности на терен минимум март и април идната гoдина“ рече Николоски.
Во однос на каматите тој истакна дека за овој проект ќе се плаќа најниска камата во целиот регион и најниска камата за било кој инфраструктурен проект сработен во државата.