Кос: Нема да принудуваме никого да биде земја членка на ЕУ
Кос му порача на бугарски европарламентарец дека го злоупотребуваат правото на вето и затоа бара промени во гласањето
„Успехот е доброволен. Нема да тераме никого да биде земја членка на Европската унија“, порача утрово еврокомесарката за пропширување, Марта Кос, пред европарламентарците во Комитетот за надворешни прашања на Европскиот парламент (АФЕТ), презентирајќи ги реформите поврзани со проширувањето.
Дебатата се одржа пред рекорден број на европареламентарци кои сакаа да добијат уверувања од Кос дека ЕУ нема да се проширува на своја штета и дека Европската комисија обезбедува доволно мерки со кои овите земји членки ќе мораат да ги почитуваат правилата и регулативите на Унијата. Со оглед на тоа кој се влезе во Европскиот парламент, расправата на моменти беше себична, а на моменти националистичка, при што европарламентарците од Бугарија повторно се истакнаа околу Македонија, но добија возвратна лекција, бидејќи расправата во ЕП покажа дека аргументите – никој не им ги купува.
Реплицирајќи на европарламентарците Кос кажа неколку клучни пораки: Дека и земјите членки не се „светци“, односно додека бараат гаранции дека новите ќе го почитуваат владеењето на правото, некои од нив самите не го прават тоа. Дека и таа преферира гласање со консензус околу проширувањето, но само додека некоја земја членка не го злоупотребува тоа, бидејќи на билатералните прашања не им е место во процесот на евроинтеграција. И дека успехот на патот кон ЕУ е доброволен, односно дека „ЕК нема да тера никого да стане земја членка на Унијата“.
На себичните, кои беа изненадени што не се расправа колку ќе ги чини проширувањето со нови членки, известувачот за Македонија Томас Вајц им порача дека и за нивните земји (Полска и Чешка) Австрија требало да одвои повеќе пари за да бидат денес тука во Брисел како преставници на земја членка на Унијата. Затоа тој сметаше дека се што не е едногласна поддршка за реформите за проширување и за приемот на нови земји членки е застарено, давајќи и притоа поддршка на еврокомесарката Кос во намерата земјите што нема да ја усогласат својата надворешна политика со таа на Унијата – да не се земаат воопшто во предвид за членство.
Врв на политичка хипокризија притоа беше обраќањето на бугарскиот европарламентарец Станислав Стојанов кој рече дека не е неопходно да се прима„ секоја земја за членка на ЕУ ако не е подготвена за тоа“, по што друга европарламентарка му порача дека и сега (дваесет години по влегувањето во ЕУ) Бугарија и Романија се пример за лоша практика. Не помогна ни тоа што Стојанов ја спомена директно Македонија тврдејќи дека нашата земја грубо ги крши човековите права, по што го посочи како аргумент примерот со Ива Михајлова на која, како што тврдеше, и е ускратено правото на лечење. Па, стручно и порача во ЕК „да не брзаат“ и да ја примат Македонија кога ќе биде подготвена да за тоа.
Кос генерално порача дека се што е предвидено според Договорот на ЕУ околу проширувањето, Европската комисија е подготвена да го направи што е можно побрзо и посистематски. Нејзин сон е, рече таа, барем две до три земји кандидати да станат членки на Унијата до 2030 година, очекувајќи Црна Гора да го заврши техничкиот дел до крајот на оваа или почетокот на идната година и да стане членка во 2028 година. На скептиците таа им порача дека е среќна околност тоа што трите земји предводници на листата се мали, споредувајќи ја Црна Гора со градовите Штудгард и Тулуз и проценувајќи дека таа ќе ги чини само по едно евро ѓраѓаните на ЕУ.
На тие што тврдеа дека проширувањето сега станало геополитичко прашање место засновано на заслуги, т.е. во дека не зависи веќе од реформите како претходно, Кос им одговори дека важи и едното и другото, но дека заслугите остануваат „златното правило“ за влез во членство.
Зборувајќи за шансите земјите членки да го поддржат укинувањето на едногласноста во текот на преговорите за членство во ЕУ таа рече дека расположенијата се различни – некои од нив сакаат да се укине консензусот за да одат побрзо процесите, а другите се против бидејќи се плашат дека ќе бидат надгласани, без да прогнозира исходot околу предлогот. Но, и таа и повеќето европарламентарци покажаа дека е preмногу симнат прагот на толеранцијата за злоупотребата на консензусот, за проширувањето и за други прашања.
Околу тоа каква улога си дава ЕУ кога ќе се јават како пречка билатерални прашања Кос рече дека улогата на ЕК е да зборуваат, зборуваат…дека тоа секогаш е корисно, но дека некои од инволвираните во споровите не го сакаат тоа, без да ја именува Бугарија конкретно. Околу дилемата дали со овие реформи ќе имаат различен статус новите и старите земји членки Кос гарантираше дека сите ќе имаат ист статус бидејќи во спротивно системот ќе доживее колапс.
Во дебатата падна и предлог од европарламентарка ЕК да формира некаков механизам што ќе им помага на земјите да се справуваат со прашања од историјата бидејќи реалноста досега покажала дека Русија ги злоупотребува.
Околу Србија таа рече дека треба да испорача повеќе место само да зборува, ако сака да се најде во групата на земји што ќе добијат патоказ за членство, а околу дилемата што треба да направи Албанија по епизодата со Џаред Кушнер за да и бидат суспендирани преговорите со Унијата, Кос одговори дека таа ќе мора да се усогласи со политиките на ЕУ во екологијата за да оди натаму.
Расправата се однесуваше на новиот пакет реформи подготвен од Европската комисија кои треба да го забрзаат прошпирувањето и воопшто функционирањето на ЕУ главно преку иновативен начин на гласање при носењето одлуки. Пакетот содржи и бројни мерки (safeguards) дека идните земји членки нема да го загрозат функционирањето на Унијата, како што го правеа некои членки тоа досега, а кои Брисел ги опиша како „тројански коњи“ во ЕУ. Според предлогот новите земји членки ќе бидат ставени под мониторинг од 15 години (официјално пробен период) и секоја од нив би можела да ги изгуби средствата од ЕУ, а во најлошите случаи, би можела да го изгуби и правото на глас во Советот ако сериозно го прекршува владеењето на правото, вредностите на ЕУ или принципот на „искрена соработка“. Кратко таа реформа Кос ја опиша со зборовите : „Нема веќе Виктор Орбан“. Сега за одземање на правото на глас на земја членка е потребна едногласност поради што Унгарија не претрпе никаква штета од противењето и блокирањето на политиките на ЕУ. Новиот заштитен механизам ќе функционира врз основа на квалификувано мнозинство: со поддршка на 15 од 27 држави, односно 65% од населението на ЕУ.
Покрај тоа, новите договори би им забраниле на новите земји членки да користат вето за билатерални спорови, како што беше на пример потегот на Унгарија да ја повлече поддршката за пакетот заеми од ЕУ за Украина во вредност од 90 милијарди евра. За конечен прием во ЕУ сепак ќе биде потребна согласност од сите 27 сегашни членки.
Имено, Европската комисија предлага пошироко користење на гласањето со квалификувано мнозинство за меѓучекорите во преговорите со земјите-кандидати, како што се отворањето и затворањето на преговарачките поглавја. Со цел да се спречат идни блокади на патот кон пристапување на нови земји – често наметнувани од постоечките членки поради нерешени билатерални прашања – Брисел предлага новите членки доброволно да се обврзат, при самото зачленување, дека нема да прибегнуваат кон такви практики за време на идните проширувања. Во меѓувреме, според предлозите на Комисијата, тие би го задржале правото на вето при одлучувањето за други политики што бараат едногласност. Сепак, во случај на сериозни прекршувања на европските вредности или на принципот на искрена соработка, тие би можеле да го загубат правото на глас.
„Сакаме да го олесниме процесот на намалување на финансиската поддршка или ограничување на правото на глас. Ова е осигурителна мерка што ни овозможува да реагираме доколку е потребно“, рече Кос.
Според предлогот на Европската комисија, таквата заштитна мерка би останала на сила 15 години по пристапувањето на новата земја. Планот е таа да се вклучи во договорот за пристапување на Црна Гора, кој моментално е во фаза на изготвување. Кос објасни дека времетраењето на заштитната мерка за секоја нова членка ќе зависи од преговорите меѓу таа земја и постоечките членки. Таа дополнително нагласи дека тоа нема да создаде земји-членки од прв и втор ред.
Земјите-кандидати исто така ќе треба да ги почитуваат европските вредности и правила и да се усогласат со стратешкиот правец на ЕУ доколку сакаат да учествуваат во политиките на ЕУ во различни области – како што се внатрешниот пазар, дигитализацијата и одбраната – дури и пред да се приклучат кон Унијата.
Овие предлози се засноваат на анализа спроведена од Комисијата во врска со влијанието на проширувањето врз политиките и функционирањето на Унијата. Според Кос, анализата покажала дека ЕУ е подготвена за проширување, иако ќе бидат потребни прилагодувања во одредени области. Меѓу другото, ќе треба да се најдат конкретни решенија за интегрирање на украинското земјоделство во Заедничката земјоделска политика, што би вклучувало ограничувања на финансиската поддршка за украинските земјоделци и на пристапот до европскиот пазар за чувствителните украински производи.Спроведувањето на овие предлози ќе зависи од поддршката на земјите-членки, нагласи комесарката за проширување.
Лидерите треба да разговараат за ова прашање на самитот во Брисел кон крајот на следната недела.