„Од другата страна“ на „Поетроника“ во живо на реновираната тераса на МНТ
Во нов амбиент на Македонскиот народен театар вечер од 19 часот ќе биде промовиран проектот „Од другата страна“ на дуото „Поетроника“ – Оливер Митковски и Андреја Салпе.
МНТ соопшти дека промоцијата ќе биде едночасовно звучно и визуелно патување низ најновиот музички материјал на „Поетроника“.
-Новите софистицирани звучни таписерии на Поетроника се создадени во соработка со врвни музички уметници од различни жанровски определби: Никола Коџабашија – клавијатури и синтисајзери, Нинослав Спировски – кларинет и саксофон и Надежда Рубен – придружни вокали, соопшти МНТ.
Промоцијата ќе се одржи во живо на реновираната тераса на вториот кат на Македонскиот народен театар, која со овој настан повторно се отвора како простор за музички и уметнички содржини.