Ѓоковиќ триумфираше во Пекинг и ја освои 102-та титула во кариерата


Пекинг – Српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ, денес ја освои својата седма титула на турнирот во Пекинг и 102-ра во кариерата, откако Австралиецот Алекс де Минаур му го предаде мечот во финалето со резултат 7:6 (7:3),0:1.

Двајцата тенисери го задржаа својот сервис во првиот сет, а српскиот ас беше подобар во тај-брејкот со резултат 7:3.

Де Минаур побара медицински тајм-аут по првиот сет, а откако се врати на теренот, го доби првиот гем на својот сервис, а потоа одлучи да му го предаде мечот на Ѓоковиќ поради повреда.

Новак така остана непоразен на турнирот во Пекинг (Ноле „запиша“ 34 победи), каде што претходно беше шампион шест пати (2009, 2010, 2012, 2013, 2014 и 2015).

Српскиот супер ас сега ја има 102-та титула во кариерата, продолжувајќи ја серијата од 21 последователна година во која освоил барем еден трофеј во една сезона. Пред него се Џими Конорс со 109 трофеи и Роџер Федерер со 103.

Ѓоковиќ заработи 764.750 долари и 500 АТП ранг-поени за својот триумф на турнирот во главниот град на Кина.

Де Минаур заработи 411.480 долари и 330 АТП ранг-поени за своето учество во финалето.