Кос му предложи на Советот на ЕУ да ги укине ветата во процесот на проширување

Комисијата наведува серија механизми како да се олесни носењето одлуки во ЕУ, меѓу кои и тие за проширувањето


Еврокомесарката за проширување Марта Кос

Еврокомесарката за проширување Марта Кос ја презентираше новата реформа за проширување, преточена во документот „Подготовка за поширока Европа“ – која се најавува со месеци и која треба да отвори пат за попредвидлива интеграција на земјите кандидати за членство, како Македонија.

Притоа Кос го најави она што најмногу се чекаше кај нас, укинување на ветата во процесот на преговорите, иако крајната можност за вето останува. Имено, во име на ЕК таа предложи Советот (земјите членки) „да се согласи на примена на гласање со квалификувано мнозинство за отворање на преговарачките кластери и за други меѓучекори во преговорите за пристапување“, нагласувајќи дека за самото пристапување и понатаму ќе биде потребна едногласна одлука.

Преставувајќи ја стратегијата Кос рече исто така дека му се препорачува на Советот да го „оптимизира користењето на сите веќе постојни механизми за побрзо носење на одлуки (т.е. за спречување блокади)“, заклучувајќи дека проширувањето е можно и дека и ако има предизвици, има начини тие да се решат. Генерално, од преставувањето на новите мерки се добива впечаток дека целта многу повеќе била да се омекнат противењата кон проширувањето во земјите членки, отколку да им се олесни патот на земјите кандидати, поради што се отвора и „резервна врата“ – отпочнување на процес за постепена интеграција во ЕУ, кој ќе подразбира постепено вклучување пред се во единствениот пазар, а потоа и во други политики на Унијата.

Во тој контекст, Кос порача дека градуалната интеграција нема да биде замена за членство  и дека ќе има два клучни услови за напредок – прогрес околу реформите и усогласеност со стратегиските цели и политики на Унијата како нов услов. И, како што најави, нема само да се оди напред туку и назад во процесот, односно ќе има повеќе заштитни мерки за земјите кандидати што ќе назадуваат во владеењето на правото, почитувањето на човековите права  или прават сериозни прекршувања на Членот 4 на Договорот за ЕУ, кој предвидува меѓусебно почитување на територијалниот интегритет, национален суверенитет и идентитет, или „пактот за ненапаѓање“ на ЕУ. За тие што ќе покажат сериозни кршења на овие услови предвидено е кратење на финансиската помош дури и ако станат земји членки, одземање на гласачките права, а наедно и забрана како нови  членки да ставаат вета за прием на други кандидати во Унијата.

Кос исто така најави дека на 29 октомври ќе бидат преставени патоказите за четирите земји што се најнапреднати во процесот на интеграција, меѓу кои не е Македонија поради неисполнување на условот за измена на Уставот.  Кос на крајот нагласи дека не сакаат да создадат ЕУ со две брзини  туку сакаат земји членки во кои ќе има целосно владеење на правото. 

Во продолжение се клучните делови од документот кои прочитани набрзина оставаат впечаток дека процесот станува уште покомплексен место да се упростува, но нуди повеќе опции – иако не ја укинува реално можноста Бугарија да ни стави вето за прием, а за меѓу-ветата има се уште знак прашалник бидејќи одлуката треба да ја донесе Советот. 

Така, во документот стои дека „земјите опфатени со процесот на проширување мора да воспостават функционални демократски институции и независни и ефикасни правосудни системи, да спречуваат и гонат корупција, да ги почитуваат основните права (вклучително недискриминацијата, родовата еднаквост и правата на припадниците на малцинствата), да ја штитат слободата и плурализмот на медиумите и да одржуваат ефикасен систем на проверки и рамнотежа на власта. Покрај тоа, ревидираната методологија за проширување од 2020 година бара активностите за борба против корупцијата да бидат интегрирани преку силен фокус во релевантните преговарачки поглавја, а законодавните и институционалните реформи мора да дадат веродостојни резултати“.

„За справување со предизвиците поврзани со владеењето на правото, достапните правни инструменти вклучуваат и постапки за повреда на правото, буџетска условеност, како и стимулации и заштитни механизми, особено во рамките на Повеќегодишната финансиска рамка и членот 7 од Договорот за Европската Унија (ДЕУ). Членот 7 се однесува на јасен ризик од сериозно кршење на вредностите од Членот 2 на ДЕУ и, доколку се утврди сериозно и постојано кршење, ѝ овозможува на Унијата да ги суспендира правата кои произлегуваат од членството, вклучително и правото на глас во Советот…Комисијата ќе процени дали прибегнувањето кон општата клаузула за премин („пасерел“ клаузула) од членот 48 став 7 на ДЕУ би можело да го олесни одлучувањето во оваа област и да ја зајакне заштитата на еднаквоста и недискриминацијата, и соодветно на тоа ќе даде препораки“.

Генерално стои дека „Комисијата ја поддржува измената на Договорите таму каде што е тоа потребно. Паралелно со тоа, Унијата треба целосно да ги искористи можностите што ги нудат…
Клаузулите „пасерел“ (преодни клаузули) му овозможуваат на Европскиот совет или на Советот, под одредени услови предвидени во Договорите, да го заменат одлучувањето со едногласност со гласање со квалификувано мнозинство, или пак, посебната законодавна постапка со редовната законодавна постапка. За нивно активирање е потребна едногласност, а во одредени случаи и согласност од Европскиот парламент и од националните парламенти. Сепак, тие го нудат најдиректниот пат кон поефикасно одлучување во рамките на постојниот систем на Договорите“.

„Договорите обезбедуваат дополнителна флексибилност во областите каде што се применува едногласност. Во Заедничката надворешна и безбедносна политика, на пример, земјите-членки можат да користат конструктивна воздржаност (кафето на Виктор Орбан) наместо да блокираат одлука. Член 31(2) од Договорот за Европската Унија (ДЕУ), пак,
дозволува гласање со квалификувано мнозинство во рамките на Советот во дефинирани околности, вклучително и за иницијативи засновани на одлука на Европскиот совет со која се дефинираат стратешките интереси и цели на Унијата и одлуки за спроведување на одлука на Советот со која се дефинира акција или став на Унијата. Целосното користење на овие одредби, во согласност со условите утврдени во Договорите,ќе ѝ овозможи на Унијата да дејствува побрзо и поефикасно, вклучително и во врска со санкциите и цивилните мисии на Заедничката безбедносна и одбранбена политика“.

„Поголемата употреба на гласање со квалификувано мнозинство би можела да биде придружена со соодветни безбедносни мерки за основните национални интереси. Правната и политичката рамка на Унијата веќе обезбедува механизми што комбинираат поефикасно донесување одлуки со почитување на националните чувствителности:
• Одредбите за итна сопирачка ѝ овозможуваат на земјата-членка да упати прашање предмет на гласање со квалификувано мнозинство до Европскиот совет кога смета дека се загрозени суштински национални интереси, во областите каде што Договорите предвидуваат таква можност.
• Механизмот од Јанина бара од Советот да продолжи со дискусиите и да бара
задоволително решение кога неколку земји-членки се спротивставуваат на одлуката, без да создаде право на вето.

Овие механизми можат да го направат донесувањето одлуки поефикасно, а воедно да ги почитуваат суштинските национални интереси на земјите-членки. Комисијата е подготвена да се ангажира со Европскиот Парламент и Советот за соодветни и пропорционални заштитни мерки што ќе го придружуваат активирањето на клаузулите за премин, земајќи ја предвид специфичната област на политиката и суштинските национални интереси за кои станува збор“.

Оптимизирање на тековните практики- „Надвор од формалните правила за гласање, Советот често бара консензус дури и кога се применува гласање со квалификувано мнозинство. Консензусот може да ја зајакне политичката сопственост, но може и да го одложи дејствувањето.
Затоа, Комисијата го повикува Советот поцелосно да го користи гласањето со квалификувано мнозинство таму каде што тоа е предвидено со Договорите. Појасните временски рамки, пораното идентификување на отворените прашања и навременото упатување до министрите треба да го олеснат постигнувањето договор и да овозможат носење одлуки без непотребно одложување. Комисијата го повикува Советот да размисли за вклучување на овие
цели во своите работни методи, со целосно почитување на својата институционална автономија“.