Директорка и шефица со пари од Државна лотарија си купувале чанти „Хермес“, „Луј Витон“, „Диор“
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против две службени лица вработени во Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија поради постоење на сомнение за сторени кривични дела “Проневера во службата” од член 354 од КЗ на РСМ и“Фалсификување или уништување деловни книги” од член 280 од КЗ на РСМ.
Првопријавената А.Н., во својство на директор на Секторот за финансии и сметководство на Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија, заедно со второпријавената Д.Д, вработена на работно место шеф на финансиски работи, целокупниот дневен промет за 2024 година во вкупен износ од 46.038.720 денари кој им бил доверен од сопствените продажни места на АД Државна лотарија не го уплатиле и депонирале на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки и од банкарските сметки на АД Државна лотарија подигнале парични средства во вкупен износ од 33.950.724 денари кои противправно ги присвоиле за себе.
Со цел да ги прикријат трагите од извршеното кривично дело и недостигот на проневерените парични средства, вршеле префрлање на парични средства помеѓу банкарските сметки на друштвото, креирале налози за трансакции и реализирале уплати и исплати со кои лажно прикажувале дека биле извршени финансиски трансакции во значителни износи.
Истовремено, изготвувале и употребувале невистинита финансиска и сметководствена документација, преку евидентирање фиктивни касовни исплати од благајната на друштвото, при што противправно присвоените парични средства биле раскнижувани на различни сметководствени конта врз основа на фиктивна документација, со што лажно се прикажувала нивната намена и се прикривал недостигот на средствата во деловните книги на друштвото.
Со горенаведените дејствија, првопријавената А.Н заедно со второпријавената Д.Д. прибавиле противправна имотна корист, а на АД Државна лотарија на Република Северна Македонија му предизвикале имотна штета во износ од 79.989.444 денари. Во рамки на постапката, во координација и под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје, а врз основа на наредби од надлежен суд, во текот на вчерашниот ден извршени се претреси на вкупно пет локации, од кои четири на подрачјето на Скопје и една на подрачјето на Валандово.
При извршените претреси се пронајдени и одземени поголем број предмети и материјали од интерес за постапката, меѓу кои сметководствена документација во оригинал која се однесува на АД Државна лотарија на Македонија, мобилни телефони, лаптоп-компјутери, USB-уреди, надворешни хард-дискови и друга електронска опрема, парични средства, злато и златен накит, накит од брендот „Сваровски“, часовници со поголема вредност, како и брендирани чанти од познати светски производители, меѓу кои „Хермес“, „Луј Витон“„ Диор“ и други.
Дополнително, надвор од една од претресуваните локации, во соседен двор, е пронајдена и одземена фрлена документација која е од интерес за постапката.
Во рамки на спроведената акција, пријавените лица се лишени од слобода. Предметот е резултат на наодите на извршената ревизија од страна на Државниот завод за ревизија во АД Државна лотарија на Република Северна Македонија.