Кац: Ликвидирани околу 4.000 напаѓачи од 7 октомври 2023 година


Најмалку 4.000 терористи кои на 7 октомври 2023 година извршија терористички напад врз југот на Израел се убиени, изјави денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац.

– Околу 6.000 терористи ја преминаа границата со Израел на 7 октомври и извршија ѕверства. Од нив, околу 4.000 сега се убиени, а преостанати се уште околу 2.000 – рече Кац, пренесува Тајмс оф Израел.

Тој додаде дека заедно со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, побарал од војската и од сите безбедносни служби да ги ликвидираат учесниците во тој напад „без какви било ограничувања и под какви било околности, од високите до пониските чинови“.

Според претходните проценки на израелската војска, околу 5.600 терористи упаднале во Израел на 7 октомври 2023 година, а меѓу 1.200 и 1.600 од нив биле убиени на израелска територија. Повеќе илјади од нив се вратиле во Појасот Газа, а многумина од нив загинале во подоцнежните борби или биле елиминирани во израелските напади.

Активностите за пронаоѓање и елиминирање на сите учесници во терористичкиот напад предводен од Хамас ги води единицата на безбедносната служба Шин Бет, позната под називот „Нили“.