Нови апсења во случајот „Државна лотарија“ – приведена финансиска директорка


Фото: Б. Грданоски

Неколку лица се приведени при акцијата на јавното обвинителство во координација со Управата за финансиска полиција, нов случај поради сомнежи за финансиски злоупотреби во АД „Државна лотарија“. 

Извори за ТВ 24 брифираат дека се преземаат дејствија, се вршат претреси во Скопје, Гевгелија, Валандово и на други локации, а се постапува по наводите во извештаите на Државниот завод за ревизија, а Обвинителството постапува дополнително и по свои сознанија. Засега официјално нема детали, но според неофицијални информации изнесени во јавноста, постојат сомнежи за злоупотреба на околу 1,3 милиони евра. Неофицијално, едно од приведените лица е поранешна раководителка на финансискиот сектор во Лотарија, во период кога на чело на „Државна Лотарија“ бил Перпарим Бајрами.  

Додека пак, на последното судење кое веќе се води за случајот „Лотарија“, како прв сведок на Обвинителството сведочеше Владо Петковски директорот на „Секторот на игри на среќа“ на Државна Лотарија – но во полза на обвинетите. По серија прашања од Обвинителството, го прогласија сведокот за непријателски и обвинителите побараа да се продолжи со поставување на вкрстени прашања. Сведокот негираше дека имал средби со Перпарим Бајрами и Артан Груби. Тогаш одбраната на Груби изјави дека сведокот само потврдил дека во „Државна Лотарија“ се се работело според закон. 

Првообвинетиот, поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами кој беше недостапен на органите на прогонот, непосредно по започнувањето на судскиот процес се предаде. Второобвинетиот, поранешниот вицепремиер Артан Груби беше исто така недостапен за институциите, но на почетокот на оваа година се врати во државава на ГП Блаце – на истиот граничен премин на кој и Бајрами минатиот месец се врати во Македонија.

Во обвинението се опфатени вкупно осум лица. Според Обвинителството овие лица во текот на 2023 и 2024 година ги пречекориле своите овластувања и предизвикале штета на „Државна Лотарија“ од над девет милиони евра.