Седлоски: Ќе има промени и свежи играчи за дуелот со Швајцарија
Македонската фудбалска репрезентација утре ја очекува нов дуел со Швајцарија во групата од Лигата на Нациите, десет дена по натпреварот во Скопје. Селекторот Гоце Седлоски очекува реакција од тимот и подобра игра во однос на првиот меѓусебен дуел.
– Знаеме каква репрезентација е Швајцарија и со какви играчи располага. Мора да ги надминеме грешките од првиот натпревар. На терен ќе излеземе да докажеме дека знаеме да ги отстраниме проблемите кои ги имавме, со колективна игра и еден за друг. Швајцарија е велесила, но ние тука не дојдовме само да одиграме натпревар, туку да направиме нешто. Сакаме добар натпревар и да се израдуваме по поразите кои ги имавме. Сите играчи кои се повикани ќе добијат шанса. Ќе има свежи играчи и некои промени, затоа што не може да се издржи таков период. Од секој играч сакам подобро. Имаме и млади момци кои се примени добро од постарите и од натпревар во натпревар мора да бидеме подобри, изјави Седлоски на прес конференцијата.
Селекторот истакна и дека критиките треба да бидат насочени кон него, а фудбалерите во овој момент да ја имаат потребната поддршка. Инаку, ова ќе биде четврти натпревар за националниот тим во период од 12 дена.
Натпреварот се игра во Луцерн, а почетокот е во 20:45 часот.