Се намалуваат и приходите и расходите – ребалансот на Буџетот ќе биде стокмен уште месецов

За нецела недела, значајно се зголеми процената на кусокот приходи поради помалите акцизи и ДДВ - перемиерот Мицкоски сега вели дека тие може да достигнат и 130 милиони евра, а минатата среда рече дека „кусокот“ ќе биде до 118 милиони евра


До крајот на месецов ќе биде завршена процедурата околу новиот ребаланс на Буџетот, втор годинава, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Новата проекција на приходите и расходите во државната каса ќе биде пониска во однос на постојниот Буџет, односнно „кусокот“ ќе биде поголем, што се должи на помалите остварени приходи од акцизи и ДДВ, поради владините интервенции за смирување на цените на нафтените деривати.

„Се намалуваат и расходите и приходите бидејќи кај приходната страна имаме помалку 7-8 милијарди денари (или 118- 130 милиони евр, заб). Тоа е резултат на намалените акцизи, односно намалените приходи од акцизите и намалените приходи од намаленото ДДВ“, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на парашања на новинарите за време на неговата посета во Теарце.

„За да се избалансираат сите овие работи, ќе правиме рабаланс, очекувам во текот на овој месец да биде завршена процедурата“, додаде тој.

Мицкоски не прецизираше каде најмногу ќе се кратат расходите, одно мои буџетски корисници ќе добијат помалку средства, но нагласи дека приоритет за Владата е стандардот на граѓаните, што укажува дека нема да се чепка во платите.

Тој исто така рече дека остануваме држава со најниска цена на дизел горивото и на безоловниот бензин.

„Од 25 до 50 центи сме поевтини од сите во регионот, така што тоа е наша цел“, рече премиерот, додавајќи дека очекува дека денеска ќе има повторно намалување на цената на безоловните горива и на дизелот. „Остануваме држава со најниски цени кога станува збор за дизел горивото и безоловниот бензин“, рече Мицкоски, посочувајќи дека таквата владина политика има своја цена, која отрилика е 7- до 8 милијарди денари помали приходи.

Новиот ребаланс на Буџетот беше најавен минатата среда (на 30 септември), исто така од премиерот, но тогаш тој рече дека „кусокот“ поради помалку пониските акцизи и ДДВ до крајот на годинава ќе достигне 6-7 милијарди денари или околу 97 – 113 милиони евра. Сега „летвичката“ е зголемена на 130 милиони евра.

„Станува збор за 6-7 милијарди. Тоа се нашите проценки. Ја разгледуваме можноста да се направи ушет еден ребаланс, но она кое што претставува наш приоритет како Влада, е да го задржиме стандардот на граѓаните, да се контролира нискот ниво на инфлација, и нормално да ја задржиме најниската цена на горивата не само во регионот туку и во Европа“, изјави Мицкоски минатата среда. појаснувајќи дека станува збор за проценки на годишно ниво, односно до крајот на годинава.

ЛДП денеска реагираше на посотјната политика на Владата во однос на цените на горивата, сметајќи дека преку таквата политика не треба да се субвенционира горивото за соседите,  туку да се врши поврат на ДДВ за македонските граѓани и бизниси.

„Додека цените на горивата секојдневно растат и го притискаат семејниот буџет, а македонските граѓани секојдневно се соочуваат со сѐ повисоки трошоци за живот, Владата мора конечно да покаже дека приоритет ѝ се сопствените граѓани, а не да зборува за импровизирани и недоволно осмислени мерки“, соопштија денес од ЛДП.

Од оваа партија сметаат дека наместо да се субвенционираат граѓаните кои точат гориво од соседните држави, Владата јавните средства треба да ги насочи кон оние на кои им се најпотребни: македонските граѓани, превозниците, транспортерите, шпедитерите и домашниот бизнис.

Од таму порачуваат дека наместо да троши пари на непотребни трошоци, прослави, нови функции и партиски привилегии, Владата треба да покаже дека знае да ги препознае вистинските економски проблеми.

„ЛДП бара Владата да го разгледа, да најде начин да го спроведе предлогот за поврат на ДДВ за горивата и да покаже дека знае да управува со јавните финансии во интерес на заштита на македонските граѓани“, велат од оваа партија .

Инаку, со ребалансот на Буџетот за 2026 година, донесен кон крајот на јули годинава, вкупните приходи беа ревидираа на 379,5 милијарди денари, што претставува зголемување од 1,2 проценти во однос на иницијалниот Буџет, а вкупните расходи се ревидираа на 425,8 милијарди денари или повеќе за 2,8% од првичните проекции. Буџетскиот дефицит е проектиран на 46,3 милијарди денари или 4,1% од БДП, односно за 0,6 процентни поени повеќе во однос на иницијалниот Буџет за 2026 година.

Едно од клучните дилеми во однос на новиот ребалас е дали ќе има промени кај буџетскиот дефицит, кој според согледувањата на економисти, до средината на септември годинава, остварениот буџетски дефицит достигна 46,08 милијарди денари (приближно 749,24 милиони евра), со што практично го има исполнето речиси целиот годишен дефицит предвиден со ребалансот.

Економистите предупредуваат дека со ваквата динамика на брзо и неконтролирано трошење, реалниот дефицит до крајот на 2026 година би можел значително да ги надмине владините проекции доколку не се стабилизираат буџетските одливи.

Претходно, реагирајќи на информациите за потрошениот буџетски дефицит, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, од Њујорк, каде што беше на конференција организирана од Светскиот економски форум, порача дека до крајот на годината не се очекува ревидирање на стапката на раст и промени во буџеткиот дефицит односно дека „без оглед дали ќе се прави ребаланс или нема да се прави ребаланс, дефицитот нема да оди надвор од предвиденото, а во исто време и задолжувањето.

На истата тема:

Мицкоски најави можен ребаланс, мерките за горивата ќе го чинат Буџетот 6-7 милијарди денари

 

Нема да има промени во буџетскиот дефицит, вели Димитриеска-Кочоска

СДСМ: Ребаланс бидејќи нема пари