Многу боли, но ќе помине : Интервју со Тамара Тодевска, поп-ѕвезда
Тамара Тодевска не е жена што лесно се вклопува во една дефиниција. Таа е ѕвезда со моќен глас, мајка, партнер, жена со став и жена која низ годините научи дека силата не секогаш значи да бидеш непобедлив – понекогаш значи да бидеш свој, и тогаш кога целата јавност очекува друго од тебе.
Со новиот прв визуелен албум кај нас „Кукла жива“, Тамара повторно отвара едно лично и музичко поглавје, но овој пат зад песните се чувствува и една позрела, искрена жена.Жена која ги знае своите граници, но и својата вредност, која не се плаши да зборува за љубовта, семејството, мајчинството, падовите и успесите. Визуелната слика е дотерана до совршенство, сите нејзини изгледи од спотовите и од фотосесијата „мирисаат“ на луксуз.
Во интервјуто со Тамара за „Независен“ зборуваме за музиката што ја носи „Кукла жива“, за патот што го поминала досега, за тоа што значи да се биде силна жена денес, но и за најважните улоги што не се гледаат на сцена. Со Тамара зад рефлекторите – искрена, ранлива, своја, и пред сè, жена.

„Кукла жива“ звучи како наслов за жена која сите ја гледаат, а малкумина навистина ја знаат. Колку од Тамара во овој албум е онаа што ја гледа јавноста, а колку е онаа што никој не ја гледа?
– Албумот ме опишува таква каква што сум, жена, храбра, ранлива, силна, колеблива… Жена која е свесна за своите квалитети и недостатоци. Низ годините многу отворено сум комуницирала со јавноста (во некои моменти и премногу отворено и искрено, што ми се одразило, сум ја изгубила приватноста, интимата…). Но, „Кукла жива“ ја опишува Тамара денеска, Тамара во минатото и убедена сум уште многу други девојки, жени, па ќе речам и мажи… сите сме луѓе.
Зошто „Кукла жива? Кој е „кукларот“ во приказната – публиката, медиумите, љубовта, семејството или самата Тамара?
– „Кукла жива“ си можеби и ти драга Лејла, можеби и девојката која го чита ова интервју и сака да излезе од кутијата, од рамката која ја наметнува нашето општество, нашиот систем… „Кукла жива“ е и жената која работи на шалтер и потоа оди дома, започнува со нови обврски или можеби продолжува на втора работа за да го прехрани семејството. Сакавме да создадеме „широка“ приказна, инспирирана од мојот живот и кариера, но приказна која е секојдневие на многу луѓе.

Велиш дека албумот е инспириран од твојот живот. Која е најголемата вистина за себе што си ја признала додека го создаваше со Коста Петров?
– Најголемата вистина е дека можам. Можам многу повеќе од тоа што сум мислела. Можам многу повеќе и од „Кукла жива“. Повеќе од година дена сум во едно интензивно работно темпо и не ми се верува дека сакам уште, уште, уште… Една Тамара која спиеше по 12 часа, денеска станува рано утро и живее живот на workaholic. Чудно, лудо, на моите блиски не им се верува, но мене ми е убаво, пријатно и конечно се чувствувам спокојно.
Коста Петров многу одамна знаеше дека можам. Тој е еден сестран „монструм“ кој ме движеше изминатиот период и „на рати“ ми покажуваш колку многу можам, можеме! Неизмерно сум му благодарна.
Што е најголемата цена што си ја платила за тоа што си силна, бескромпромисна, жена?
– Тоа што секогаш сум искрена, директна и 100% своја носело цена по мојот углед, поширока репутација. Имало моменти кога не сум ги „мерела“ зборовите и искреноста ме чинела работа, придонело за негативни коментари и сл. Бунтовна сум и бескомпромисна по карактер, особено кога треба да заштитам мои блиски и луѓе кои ги сакам. И таква ќе продолжам да бидам, независно на цената која ќе треба да ја платам.
Која верзија од Тамара била најмногу „производ“ – онаа од почетоците, евровизиската Тамара или денешната?
– Малце грубо звучи „производ“ но ја разбирам поентата и многу искрено ќе одговорам. Евровизија 2019 беше целосен продукт: од песна, тим, сцена, Тамара (во трето лице за себе зборувам аахахахах)… Продукт на кој сум неизмерно горда јас, а се надевам и публиката и Македонија во целина.
Тамара од почетоците е „тестер“, ја конзумираш, слушаш, гледаш но не можеш да создадеш целосен впечаток. Иако и тогаш има примеси на парфем, третирана е како „тоалетна вода.”
Денешната Тамара конечно е свесна за своите квалитети, за својата музикалност, уметничка дарба и сѐ она што значи премиум македонски производ наменет за домашниот и светски пазар. Се обидов да бидам многу „пластична“ и конкретна 😊

Дали „Кукла жива“ е албум за жена која конечно ја презема контролата над сопствениот живот?
– Апсолутно. Тоа е така и во мојот живот, но таква е и целата приказна на албумот. Истиот започнува со „Кукла жива“, а завршува со песната „Силна“. Помеѓу ќе слушенете и за „Драма квин“, за мојот „Хорор“ за луѓето за кои би одела „До крајот на светот“, па емотивно се рушам на „Гориш“ која никако „Не поминува“, но „Карма“, „Брана“ и „Дива“ ми ја даваат стабилноста и спокојот кои ми требаа.
Која песна најмногу те разголува емотивно?
– „Гориш“, па „Не поминува“.
Колку од албумот е болка, а колку е ослободување?
– Многу е болка. Имаше моменти кога навистина ми беше тешко и во студио додека ги снимав, со Џијан и цела плејада од музичари, но потоа и кога ги снимавме видео записите. Навистина го живеам албумов во полна смисла на зборот.
Но, нека боли некогаш ќе помине… стих од мојата млада колешка Лара Иванова, која одлично се вклопува во ова што го живеам со „Кукла жива“.
Што беше потешко – да ја живееш приказната или да ја претвориш во музика?
– Ништо не е свесно направено или контролирано. Луѓе сме, кој може да има контрола врз било што? Не знам… 25 години се многу моменти, успеси и падови, и веројатно не беше лесно сѐ ова да се вклопи во една приказна, 10 песни, па уште на винил кои ненормално добро звучат… Ние сме луди што направивме.

Дали „Кукла жива“ е признание дека зад поп-ѕвездата која изгледа силно, сепак има жена која многу пати се кршела?
– Ооооо да… и уште многу пати ќе се кршам. Таква сум, можеби гласна и бучна, но внатрешно сум многу кревка и емотивна.
Која е една работа од твојот живот што никогаш нема да ја претвориш во песна?
– Спокојот и мирот кои денеска ги чувствувам. Не сакам да ги прераскажам, да ги претворам во песна… ми е страв да не ги изгубам.
По се што ти се случи, дали ова е албум со кој затвораш едно поглавје или отвараш многу поопасно?
– Кој знае… Не знам. Рековме дека ова е една „нова ера“. Но, прво сакам сѐ ова да „ми легне“, многу е динамично сѐ периодов. Имавме промоција на почетокот на септември, сега објавивме за винилот, го спремаме концертот на 7. декември во Т-Арена (спортски центар „Борис Трајковски“). Убаво ми е, не сакам одмор… но сакам повеќе да уживам во сѐ ова, во сите овие процеси. Имавме многу проблеми во текот на работење од најразлична природа. Но, затоа и финалниот производ можеби е толку добар.

Тамара, ако досега цел живот ја играше улогата што другите ја очекуваа од тебе – дали со „Кукла жива“ конечно престануваш да бидеш кукла?
– Ми олесна моја Лејла. Многу ми олесна. Не дека и цел живот сум била диригирана и водена од некого, но имаше моменти кои болеа… „ќе те кренат па те газат, од секој збор скандал прават…“ Но, сега и тоа како е битна оваа (моја) верзија!
Фото: АниДими и Мартин Трајановски