Правда и судење без одолговлекување, побараа родителите на „Маршот на ангелите“


Чиста правда и судење без одолговлекување побараа денеска родителите на настраданите во пожарот во „Пулс“, на 50. „Марш за ангелите“ во Кочани, пренесе МИА.

Маршот, кој родителите вообичаено го започнуваат од „Паркот на Револуцијата“, денеска заврши пред Основниот суд во Кочани, со попатни станици кај Трговскиот центар, пред зградата на Управата за јавни приходи и пред Полициската станица.

На платото во Трговскиот центар и пред Основниот суд во Кочани беа упатени барања за ефикасно судење и целосно расчистување на сите прашања поврзани со трагедијата.  Александар Наунов, татко на починатата Надица и претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“, порача дека родителите не бараат пресуда донесена на улица, туку редовно закажување и одржување на рочиштата, како и јавно и јасно образложување на секое нивно одлагање.
 

-Ние родителите и семејствата бараме интензивно судење со над 10 рочишта месечно – децидно истакна Наунов.

Тој додаде дека загубата на нивните деца не може да се надомести, но оти очекуваат вистината и правдата да бидат утврдени.
 
-Нашите деца, насилно одземени од нас, нема да се вратат, но вистината и правдата не смеат да изостанат – порача Наунов.

 

Пред Основниот суд и Обвинителството се обрати и Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов. Таа побара информации за повеќе постапки и сомнежи за можни кривични дела поврзани со трагедијата од 16 март минатата година.

Блажева посочи на сомнежи за даночно затајување, неправилности поврзани со издавањето на лиценцата, како и можни кривични дела поврзани со фалсификување исправа, давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание.

Таа се осврна и на предистражните постапки поврзани со Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд. Од Обвинителството побара јавно да појасни кои постапки се водат, против кого се водат, за кои кривични дела и до каде е нивната реализација.

„Бараме институциите да постапуваат и да дадат одговори. Правдата мора да важи за сите“, порача Блажева.