Мицкоски не одговори дали враќањето на Самоил ќе се одрази на односите со Грција


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Христијан Мицкоски, во врска предавањето на посмртните останки што се идентификуваат со цар Самуил од Грција во Бугарија, место да даде оценка за актуелното случување –  избега во историјата,  т.е. до Бледскиот договор. Според него, тој е причината за  славењето денес во Софија, место неговото инаетење да ја употребува придавката „Северна“, што веројатно доведе на ваков начин Атина да и се одмазди на нашата влада.

Одговарајќи на новинарско прашање како го коментира прашањето за преносот на посмртните останки и дали ваквиот потег може да има одредени импликации во односите на Македонија со Грција и со Бугарија, Мицкоски рече:

„Јас тоа го коментирам во насока на Бледскиот договор којшто е постигнат веднаш по капитулацијата на фашистичка Бугарија, којашто ја има, би рекол, окупирано за време на Втората светска војна територијата на денешна Македонија“,рече Мицкоски.

Тој се наврати на изјавата на поранешниот премиер Зоран Заев кој во ноември 2020 година во интервју за бугарската агенција БГНЕС рече дека во Втората светска војна Бугарите биле „администратори“ на подрачјето на денешната македонска држава, без да го спомене Заев.

„Некој тоа го вика ‘администрирање’ од политичарите. За  среќа се поранешни политичари, односно поранешни политичари на функции, значи сè уште активни во опозицијата преку совети на раководствата во опозицијата, си имаат свои кукли таму и си ги раководат“, изјави Мицкоски бегајќи очигледно од темата и фаѓајчи се за вечниот одговор – СДСМ е крив и за тоа. 

Во однос на посмртните останки тој истакна дека би се вратил неколку децении наназад кога во Скопје беа донесени останките на македонскиот великан Гоце Делчев.

„Што се однесува до пренесувањето на моштите, јас би се вратил назад неколку децении кога моштите на македонскиот великан Делчев, како резултат на тој Бледски договор, се донесени во Скопје. И тоа е нешто што треба нас како Македонци да нè прави горди, затоа што моштите на тој великан, којшто бил во свое време пред времето, симболизираат многу за македонскиот идентитет“,нагласи премиерот.

Мицкоски изрази жалење што, според него, малкумина денеска го споменуваат Бледскиот договор и она што било договорено со него велејќи дека тоа не е многу оддамна, туку пред неколку децении.