Лашкоска во Рим: Водата мора да биде долгорочен национален инвестициски проект


 Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, учествуваше на министерската тркалезна маса „Усогласување со европското законодавство и управување со водните ресурси во Западен Балкан“, во рамки на Евромедитеранскиот форум за води, кој се оддржа во главниот град на Италија, Рим.

Во своето обраќање, Лашкоска истакна дека нашата држава продолжува со усогласувањето на националното законодавство со европското право, со цел европските стандарди да се преточат во конкретни подобрувања за граѓаните и животната средина.

„Нашата цел е усогласувањето со европското право да го преточиме во побезбедна вода за граѓаните, почисти реки и воден сектор поотпорен на климатските промени. Водата мора да биде долгорочен национален инвестициски проект“, порача Лашкоска.

Таа нагласи дека водните ресурси и климатските предизвици бараат посилна регионална соработка, размена на знаење и координиран пристап меѓу земјите од Западен Балкан.

На тркалезната маса беше разгледана и можноста за воспоставување постојан регионален форум за води, како механизам за континуиран дијалог и соработка.

Лашкоска истакна дека модернизацијата на водната инфраструктура, заштитата на квалитетот на водите и справувањето со сушите и поплавите се меѓу клучните предизвици за водната сигурност и отпорноста на климатските промени.

Евро-медитеранскиот форум за води е меѓународна платформа за дијалог меѓу носителите на политики, граѓанското општество, академската заедница и бизнис-секторот.  Неговата цел е да поттикне соработка и заедничко дејствување, не само меѓу медитеранските земји, туку и со Европската комисија, земјите членки на ЕУ, земјите од Балканот и Блискиот Исток.