Хајди го шета кучето на македонските радио-станици!
Секој барем еднаш во животот посакал да отпатува со временска машина во некоја друга димензија, а тоа им се оствари и на членовите на групата Heidi šeće psa (Хајди го шета кучето), преку новиот сингл и спот „Fluid“. Опкружена со футуристички и постапокалиптичен свет, Хајди е во потрага по нешто што не може да се опише, по некоја посебна магија која трае онолку долго колку и слатките соништа. Сепак, понекогаш соништата стануваат реалност, а таква магична средба и неопислива поврзаност се случиле во вистинскиот живот, додека Хајди сè уште била тинејџерка.
„Песната ја напишав откако првпат отидов на концерт на мојот тогашен голем идол. Се пробив во првиот ред во публиката и си вградив во глава дека тој во целата таа гужва ја забележал токму мене и дека меѓу нас се родила некаква посебна ‘врска’. Тоа, се разбира, немаше никаква врска со реалноста, но долго време потоа размислував за тој концерт и им раскажував на пријателите, а потоа сето тоа го преточив и во песна. Среќна сум што им се допадна на момците од бендот и што ќе биде дел од нашиот репертоар“, објасни Смиљана Штрбац, попозната како Хајди.
Во спотот, момците од бендот ги глумат ликовите од потерницата, оние по кои Хајди трага. Тоа всушност е алузија на онаа посебна енергија што ја почувствувала кон својот идол таа вечер на концертот. Кога тие две страни конечно ќе се сретнат, настанува она што бендот го нарекува своја формула, а таа формула функционира дури и во постапокалиптичната иднина.
Текстот и музиката на овој сингл ги потпишува самата Смиљана, која една тинејџерска анегдота ја претворила во оваа песна. Продукцијата била во рацете на Лео Анѓелковиќ, кој звукот го насочил во поп-рок правец, со доза на електро-поп. Строфите се атмосферични, рефренот е експлозивен, а резултатот е спој на клупска енергија и рок-жестина.
Главниот виновник за визуелниот идентитет на овој футуристички спот е познатиот режисер Динко Чвориќ – Доринго. Спотот е естетизиран како модерен сајберпанк-трилер, проткаен е со неонски светла, постапокалиптични мотиви и мистериозна атмосфера на потрага.
Новата песна е достапна на сите стриминг сервиси и на македонските радио-станици.
Групата Heidi šeće psa следете ја на нивниот Instagram и Facebook.