Украина за првпат употреби сопствена тактичка балистичка ракета


 

Украина за првпат во борбени услови ја употреби својата тактичка балистичка ракета „ФП-7“, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Украинска тактичка балистичка ракета. „ФП-7“. Прва борбена употреба. Ви благодарам за резултатот“, напиша тој на Телеграм. Следниот чекор ќе биде масовно производство на овие ракети, додаде Зеленски.

Извршната директорка на компанијата „Fire Point“, Ирина Терех, на 11 септември најави можност за скорешно борбено распоредување на „ФП-7“. Таа тогаш извести дека ракетата успешно ги завршила двете фази на тестирање и дека се подготвува за борбено тестирање.

Според Терех, „ФП-7“ има дострел до 200 км, може да носи боева глава со тежина до 150 кг и се лансира од копнен лансирен систем. Максималната брзина на ракетата достигнува 1.500 м/с. Коосновачот и главен конструктор на „Fire Point“, Денис Штилерман, претходно ја опиша „ФП-7“како пандан на американската ракета АТАЦМС, истакнувајќи дека украинскиот дизајн е приближно 2,5 пати поевтин.

„Fire Point“ исто така ја тестира ракетата „ФП-9“со поголем дострел, која има деклариран дострел од 850 км. Терех истакна дека поради нејзиниот дострел, невозможно е целосно тестирање на оваа ракета на украинска територија, па затоа следната фаза би можела веднаш да вклучи борбена употреба против цели во Русија. Штилерман во јуни изјави дека украинските вооружени сили би можеле наесен да почнат со изведување на првите напади врз Москва со украински балистички ракети.