УЕФА отвори постапка против Барселона. Дали ќе биде исфрлена од Лигата на шампионите?


УЕФА отвори формална постапка против Барселона во таканаречениот случај Негреиро. Овој потег дојде откако Реал Мадрид достави 50.000 страници документација до европското фудбалско управно тело. Иако случајот е застарен според шпанските спортски прописи, УЕФА го смета за активен и има намера да го истражи до крај.

Предмет на истрагата се исплатите направени од Барселона во износ од 8,4 милиони евра на поранешниот потпретседател на Техничкиот комитет на судиите помеѓу 2001 и 2018 година. УЕФА сака да ја утврди целта на овие исплати, што каталонскиот клуб сакал да постигне со нив и вистинското влијание на наводните извештаи за кои платил.

Кога аферата стана јавна во април 2023 година, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, оцени дека тоа е една од најсериозните ситуации што ги видел во фудбалот. „Не можам директно да коментирам за ова од две причини. Прво, затоа што имаме независно дисциплинско тело кое се занимава со ова. Второ, затоа што не го проучив случајот детално.

Сепак, можам да кажам дека сум информиран и дека ситуацијата е исклучително сериозна. Тоа е едно од најсериозните нешта што сум ги видел во фудбалот. На ниво на шпанската лига, случајот, секако, е застарен и не може да има последици по натпреварувањето, но постапката е во тек пред шпанското граѓанско обвинителство. Што се однесува до УЕФА, ништо не е застарено тука“, рече Чеферин тогаш.

УЕФА чекаше судска одлука во последните три и пол години, но ситуацијата се промени по потегот на мадридскиот клуб. Назначениот инспектор сега детално ја испитува доставената документација, а УЕФА процени дека случајот е доволно сериозен за да отвори службено досие.

Официјалното отворање на постапката значи дека ќе следи детална анализа на доказите и собирање информации од вклучените страни, кои исто така ќе дадат свои изјави. На Барселона ќе ѝ се даде можност да се брани.

Реал Мадрид побара на Барселона да ѝ бидат одземени титулите освоени во годините кога клубот му плаќал на судијата Хозе Марија Енрикез Негреира. УЕФА има моќ да забрани кој било клуб од своите натпреварувања во кое било време ако смета дека се обидел да влијае на регуларноста на натпреварувањето, како што е дефинирано во член 4 од нејзините правилници.

Барселона освои 33 големи трофеи во периодот на спорните исплати, вклучувајќи девет титули во шпанското првенство и четири Лиги на шампиони.

Ла Лига, 9 пати: 2004/05, 2005/06, 2008/09, 2009/10, 2010/11, 2012/13, 2014/15, 2015/16 и 2017/18.
Копа дел Реј, 6 пати: 2008/09, 2011/12, 2014/15, 2015/16, 2016/17 и 2017/18
Шпански Суперкуп, 8 пати: 2005, 2006, 2009, 2010, 2011, 2013, 2016 и 2018
Лига на шампиони, 4 пати: 2005/06, 2008/09, 2010/11 и 2014/15
УЕФА Суперкуп, 3 пати: 2009, 2011 и 2015.
Светско клупско првенство, 3 пати: 2009, 2011 и 2015.

Почетокот на постапката се совпаѓа со казната што Премиер лигата му ја изрече на Манчестер Сити за кршење на правилата помеѓу 2009 и 2018 година, што може да го доведе клубот до испаѓање. УЕФА претходно го казни Сити со двегодишна забрана за учество во европските натпреварувања, но Арбитражниот суд за спорт (CAS) на крајот пресуди во корист на англискиот клуб.

„УЕФА потврдува дека од Реал Мадрид добила значителен број документи поврзани со истрагата против ФК Барселона во случајот со Хозе Марија Енрикез Негреира, поранешен потпретседател на Комитетот за технички судии на Шпанската фудбалска федерација (т.н. „случај Негреира“). Етичките и дисциплинските инспектори на УЕФА, исто така, ги добија овие документи и ќе ги проценат како дел од тековниот преглед на случајот“, се вели во соопштението на УЕФА.