„Проширувањето кон Западен Балкан е клучен тест за Европа“, вели германскиот министер Вадефул
Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, се залага за побрзо проширување на Европската унија кон земјите од Западен Балкан поради предизвиците што ги претставуваат амбициите на Русија и Кина во тој регион.
„Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е клучен тест за Европа. Тоа ќе биде одлучувачко за тоа какво влијание ќе има ЕУ во наредните децении“, изјави Вадефул пред новинарите во Берлин пред да замине за Подгорица, на конференцијата за Западен Балкан, што се одржува денес во Будва, пишува ДПА.
Вадефул нагласи дека проширувањето на ЕУ е клучно и за безбедноста на Европа и нејзината иднина. Според него, само ако ЕУ им обезбеди на земјите од Западен Балкан кредибилна перспектива за членство и ги поцврсто врзе за себе, ќе си обезбеди вистински геополитички простор за маневрирање.
Во конфронтацијата со геополитичките ривали, клучните интереси на Европа се во прашање, имено безбедноста, влијанието и способноста за дејствување, рече Вадефул и додаде дека Русија и Кина долго време се обидуваат да го зајакнат своето влијание на Западен Балкан. „Затоа треба да го забрзаме процесот на проширување сега“, рече Вадефул.
Земјите од ЕУ мора да ги исполнат ветувањата што им ги дадоа на земјите-кандидатки, а земја што напредува со реформите мора да напредува и во процесот на пристапување, рече Вадефул.
Тој потсети дека овие реформи вклучуваат владеење на правото, борба против организираниот криминал и корупцијата и регионална соработка.
Денес во Будва, Вадефул учествува со колеги од неколку земји на конференцијата за Западен Балкан, која се одржува како дел од Берлинскиот процес. На состанокот ќе учествува и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.
Агенцијата ДПА пишува дека сите шест земји од Западен Балкан се стремат кон членство во ЕУ, но дека напредувале различно во процесот на европска интеграција, а според проценките на Европската комисија, Црна Гора би можела да биде првата што успешно ќе ги заврши преговорите со ЕУ, до крајот на оваа година, доколку го одржи сегашното темпо на реформи.