Косовскиот рапер за снимениот спот во Македониум: Не сакавме никого да навредиме


Косовскиот рапер Дон Џони се огласи по реакциите што ги предизвика снимањето на неговиот нов спот за песната „Секси мама“ во внатрешноста на споменикот „Македониум“ во Крушево.

Тој преку објава на Инстаграм порача дека ниту тој, ниту неговиот тим немале намера да провоцираат, навредат или да ја омаловажат вредноста на местото и неговата симболика.

„Локацијата беше само дел од сценариото и ја избрав поради продукцијата. Немаше навредливи пораки, тенденција за провокација или каква било друга цел“, наведе раперот.

Дон Џони во објавата нагласи дека целта била исклучиво уметничка и продукциска и дека немало намера да се навреди кој било национален симбол.

Откако  снимањето на спотот во „Македониум“ предизвика реакции во јавноста, денес, прво министерот за култура Седат Сулејмани на прес-конференција за друга тема,рече дека имаме еден случај кој навистина е чувствителен, „но ќе видиме со правните служби како ќе може понатаму или со некоја законска измена да дејствуваме, бидејќи во овој момент има законско право за изнајмување, но директорите треба да внимаваат кога изнајмуваат објекти, треба да знаат какви програми ќе се одржуваат и со каква содржина“. Следуваше остра реакција од премиерот Мицкоски кој ѝ се извини на јавноста за пропустот и најави дека ќе побара разрешување на директорот на Историскиот музеј во Крушево и на членовите на Управниот одбор на оваа институција. На крај, директорот на НУ Историски музеј – Крушево, Миха Оџаклиески, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата наведувајќи дека одлуката е личен, морален и етички чин и израз на одговорност кон институцијата и кон јавноста.